Во Херат во Авганистан талибанците пребарувале куќа по куќа, барајќи новинар на Дојче веле, за кого претпоставувале дека е во земјата. Притоа пронашле припадницк на неговото семејство и го испрашувале каде се наоѓа во моментот новинарот на Дојче веле. Откако тој одговорил дека новинарот работи во Германија, талибанците го убиле роднината и тешко го раниле неговиот син. Другите членови на семејството на новинарот на Дојче веле успеале да избегаат во последен момент и се наоѓаат во бегство. Генералниот директор на Дојче веле, Петер Лимбург најостро го осуди убиството и побара ангажман од германската влада.
„Убиството на близок роднина на нашиот уредник од страна на талибанците, извршено вчера во Херат е несфатливо трагично и ја докажува акутната опасност во која се наоѓаат нашите соработници и нивните семејства во Авганистан. Талибанците очигледно во Кабул и во провинциите вршат организирана потрага по новинари. Времето ни истекува!“
Настаните од последните денови и недели се потврда: талибанците извршиле претрес во куќите на најмалку тројца новинари на Дојче веле, а Нематулах Хемат од приватната станица ТВ Гаргаши веројатно е киднапиран од талибанците, додека Тофан Омар, раководителот на приватната радио станица Пактиа Гаг, според локалните власти, бил целно убиен од талибанските борци.
Двајца мажи, веројатно талибански борци, на 2 август во Џалалабад на улица го убиле преведувачот Амададулах Хамдард, кој често работеше за германскиот магазин „Ди цајт“. А пред еден месец од куршуми на талибанците во Кандахар настрада светски познатиот индиски фотограф и добитник на Пулицерова награда, Даниш Сидигуи.
Повеќе на Дојче веле
