„Поддршка за онлајн настава” бара учениците и родителите сами да одлучуваат дали од септември ќе посетуваат настава со физичко присуство или да следат онлајн. Сметаат дека деца на 14-15 сигурно би се заразиле ако одат на училиште, со оглед на бројот на инфицирани лица од коронавирусот во земјава.
„Бараме промена на одлуката на Владата. Да има право на избор, без да се прашува дали се медицински причини. Само со едно писмо, да се има право на избор“, вели Ана Глигорова претставник на „Поддршка за онлајн настава”.
Тие сметаат дека децата нема да можат сами да ги спроведуваат протоколите, освен ако нема сериозна организација во училиштето каде би се ангажирале и луѓе од надвор за да се одржува систем во кој на минимум ќе се сведе трансмисијата во училиштата.