Премиерот Заев смета дека во Скопје се гради со усул, нема мегаломанство и е ставен ред со Законот за урбанистичко планирање, па затоа очекува победа на изборите на неговите кандидати за градоначалници.
„Донесовме нов Закон за урбанистичко планирање согласно укажувањата на граѓаните, каде паркирањето мора да се реши во рамките на парцелата и да има најмалку 20 отсто зелена површина. Скопје е поинаква приказна, затоа што мегаломанството застана во главниот град. Ние ветивме дека Скопје ќе продолжи да се гради, но се откажавме од мегаломанството. Во Скопје се гради со усул, се гради и на периферијата, во сите општини рамноправно оти не треба да го застанеме развојот на градот. Ако ги земете најцентралните општини Центар, Карпош и Аеродром не можете да кажете дека има мегаломанство, дека има навала и напад на урбанизација, затоа што тоа е спречено не само со волјата на градоначалниците туку и со Закон кој лимитира и габарит и висина. Сега ставивме ред во Скопје“, рече Заев.
На социјалните мрежи постојано се објавуваат фотографии на кои се гледа урбанистички хаос. Исто така, има и низа иницијативи за протести и блокади поради урбанистичките проблеми. Еден од последните е протестот за градбите кај Холидеј Ин, бидејќи таму треба да „никнат висококатници“. Но и покрај противењето, одобрението за изградба е издадено од Општина Центар.
Сличен пример имаше и во Капиштец.
„Капиштец, дами и господа. Подобро нека се укине урбанизмот. А најстрашното ни претстои, на локацијата спроти Холидеј Ин… Сличен концепт, само поголем блок со повисоки згради. Без мерка“, стои во објавата на страницата „Урбан Терор“.