Видео и Фото

ВИДЕО: Мајки и деца со солзи во очите пристигнаа во Македонија, напуштајќи го Авганистан

Првиот патник што се симна од авионот беше трудница во 39-тата недела од бременоста која со возило на Итна медицинска помош е однесена на Клиниката за гинекологија во Скопје.

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, кажа дека станува збор за луѓе вработени во меѓународни организации, како што се „Опен гавермент“, организација во која членува и нашата држава, „Транспаренси интернешнл“ и други организации со кои сме работеле ние или нашите сојузници во Авганистан.

„Тоа се луѓе со кои што сме работеле, луѓе кои споделуваат исти вредности со нас и луѓе на кои не по нивна им е загрозен нивниот живот и животот на нивните деца“, рече Османи.

Раководителката на Служба за итна медицинска помош и домашно лекување при Здравствен дом Скопје, Милица Бубало, рече дека Министерството за здравство, заедно со сите здравствени установи, се подготвени за да ја даде комплетна здравствена заштита на граѓаните од Авганистан во текот на престојот на нашата држава.

„На граѓаните ќе им биде направен ПЦР тест во однос на КОВИД-19 и ќе им биде проверен вакциналниот статус. Доколку изразат желба за вакцинација од КОВИД-19 ќе бидат вакцинирани. Доколку во текот на проверката на ПЦР тестот се констатира дека имаме позитивен/позитивни ќе се спроведе 14 дневен карантин. Понатаму во текот на самиот процес ќе биде спроведен комплетен преглед на децата и на возрасните од страна на педијатар и на специјалист интернист и ќе се оцени здравствената состојба на самите граѓани“, информираше д-р Бубало.

Бројката на бегалци од Авганистан кои ќе ги прими Македонија од првичните 650 се искачи на 780. Тие ќе бидат сместени главно во хотели во периферијата на Скопје.

На почеток