Актуелниот пратеник Тимчо Муцунски ќе биде кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник во скопската општина Аеродром на претстојните локални избори. Александар Филиповски, дипломиран економист и поранешен пратеник, е кандидат на СДСМ. Левица, пак, најави дека во Аеродром ќе оди со Весна Кираџиева, дипломиран криминалист и атлетски репрезентативец. Токму Кираџиева ги искоментира противкандидатите.
“Си ја ѕирнав конкуренцијата, како по обичај пред секој натпревар. Добив дежаву, имам чувство дека ќе трчам со Марин и Коневски. Дечките се од угледни семејства на елитите, ‘бањати’ што би рекле твитерџии, од семејства на дипломати, пратеници, не како мене ‘небањата’ од семејство на работничка класа. Некои аеродромци не се сигурни дали истиве живеат во Општина Аеродром, ама ете, според личните карти имаат стан и тука, па влегуваат во трката”, пишува кандидатката.
“Јас пак ептен добро си ги знам аеродромци, цел живот сум тука и знам кој менталитет ми се соседите, пријатели, семејството кое живее во мојата општина, знам дека им е здосадено од маринци и коневци да ни ја газат општината и во наредни четири години, ова го зборувам како дел од народот, не како кандидатка за градоначалничка. И знам дека нема да потпаднат под истата замка да гласаат за некој само затоа што има партија зад себе и никој ништо не им може, владеат како монарси. Знам дека аеродромци сакаат конечно промени, некој нивни, некој од нив, некој кој разбира од каде доаѓаат, кој ја разбира маката на вредната, работничка класа, која за жал е фрлена на работ на општеството, изгубени во лавиринтите на лошо менаџирана администрација, некој кој слуша и послушува, некој кој ќе се бори за нив.
Мора да почнеме од некаде да ги менуваме работите за подобри услови за живеење на сите, а тоа некаде, е тука и сега, на локално ниво. Во духот на спортот и ферплејот, нека победи најдобриот! Нека победи народот!”, додава таа.