Будимир – Филиповски: Ќе изградиме нова спортска сала за „Работнички“ и силно ќе вложиме во спортот
Носителката на листа на СДСМ и коалицијата за Советот на Општина Центар, Андријана Будимир – Филиповски на трибината на „Сквер Јадран“ ги повика граѓаните на 17 октомври да гласаат за број 12, за Горан Герасимовски за градоначалник и за најдобрата советничка листа.
„Она што е наш приоритет е чиста животна средина, почист Центар, продолжуваме со енергетски ефикасни фасади. Ветуваме квалитетна инфраструктура, безбеден сообраќај и нови паркинг-места. Ќе ги ослободиме тротоарите за пешаците и ќе создадеме услови за нови велосипедски патеки. Ќе работиме нашите најмили и најмали да добијат најквалитетни услови за образование и престој“, рече Будимир – Филиповски.
Носителката на листа нагласи дека во наредниот четиригодишен мандат, како мнозинство во советот, ветуваат изградба на нова спортска сала на местото на стариот и запуштен објект „Работнички“. Оваа сала ќе биде општински спортски центар, отворен за сите граѓани и спортски клубови, дом на спортот во Центар.
СДСМ и коалицијата ветуваат опремување на училишните спортски сали со соодветни реквизити и изградба на нови сали, опремување и одржување на отворените спортски игралишта и промоција на „уличен спорт“ како модел на рекреација на децата и на младите, финансиска поддршка на спортските клубови, стипендии за ученици спортисти.
Андријана Будимир – Филиповски нагласи дека гласот за листата број 12 и за Горан Герасимовски значи глас за иднина и подобра општина.