Актуелно

Чунгурски од „За чисто и хумано Куманово“: Сведоци сме на сиромаштија и тоа е грдата слика, очекуваме притисоци и имаме механизми

Драган Чунгурски, дел листата за советници во Куманово по предлог од граѓанската независна листа „За чисто и хумано Куманово“ во интервју за „Скопје1“ смета дека Куманово пред 30 години бил индустриски град, а сега, место каде сите жители се сведоци на сиромаштијата која ја гледаат околу нив. За него е недозволиво општината да е слепа и рамнодушна на комуналните проблеми во Куманово, како што се отпадот кој е расфрлан насекаде и загадениот воздух.

„Според мене „хумано“ значи пред се да биде „човек“. Секојдевно сме сведоци на сиромаштијата околу нас – гледаме сиромашни луѓе на улиците, питачат за корка леб, семејства што едвај крај со крај врзуваат само тие знаат како го преживуваат месецот. Сето тоа прави една грда слика на нашиот град, град за кој се слушаше и надвор од нашите граници. Пред триесетина години Куманово беше индустриски град, ретко кој беше невработен, се сеќаваме на реки од луѓе по две три илјади (работници) кои се слеваа од фабриките што беа бренд во тоа време како што беше еден ЧИК, Киро Фетак, Искра, Полет, Амбалажа 30 Ноември, ФЗЦ 11 Ноември, Биброк, КПК Куманово, ШИК Димче Еребица, Печатница, Житомел, Тутунски Комбинат и многу други. Овие семејства останаа на работ на егзистенцијата и сите овие години живеат во нехумани услови, далеку од основното уставно загарантирано право на достоен живот. Хуманоста за мене е да си помагаме и да се грижиме еден за друг. Хуманоста се огледа и во однесувањето кон околината во која живееме. Недозволиво е да бидеме слепи и рамнодушни кон расфрланите отпадоци насекаде околу нас, да чекаме некој друг да се заземе и да ни ги исчисти реките или да бидеме меѓу првите градови во светот по загаденоста на воздухот. Сето тоа е резултат на лошото менаџирање на Локалната самоуправа и Советот на Општина Куманово. Ова се и причините поради што одлучивме нашата Листа за советници да се вика ЗА Чисто и Хумано Куманово..Бидејќи ова што во моментот ни се случува неможе да се каже дека е Хумано, а уште помалку чисто во секој аспект на зборот. Ние се залагаме за основни и елементарни услови за живот, а тоа се чист воздух, безбедна храна за нашите деца и чиста околина без расфрлан отпад и сето тоа зачинето со многу работа, чесност и отчетност кон граѓаните“, вели Чунгурски.

Како независна листа, „За чисто и хумано Куманово“ е една од привите кои успеаа да соберат кандидати од различни националности, религии, определби. За Чунгурски токму тоа е предност на градот, а не средство за манипулација и тоа треба јасно и гласно да се каже пред јавноста.

„Куманово е мултиетничко општество во кое сите националности живеат во една хармонија..Но, за жал нашите политичари, се уште мултиетничноста ја користат за креирање на раздор, нетрпеливост и страв помеѓу етничките заедници и ова го искористиле милион пати за свои лични интереси, без разлика дали се работи за некој тендер, собирање на гласови за избори каде што ветува се и сешто, а на крај ништо не се исполнува или се прават опасни и ужасни сценарија за некаква граѓанска војна. Во центарот на Куманово има населба која се вика „Средорек“ во која живее Ромската популација и повеќето од нив се социјални случаи. Повеќето од овие семејства се ослободени од комунални давачки и Советот на општина Куманово одвојува огромни милионски суми по однос на ова прашање, но од друга страна истите овие луѓе се обвинети за загадување на реката Кумановка која наликува на течна депонија. Ние како тим направивме едно истражување и установивме дека во таа населба воопшто и нема соодветна опрема или контејнери за одлагање на отпад, па затоа и го имаме овој проблем, а од друга страна на депото на ЈП Паркинг имаме 1300 контејнери – донација од ЕУ каде што лично учествував во овој проект за да се реши проблемот со комуналниот смет отпад во општината, но овие контејнери за жал со месеци не се поставуваат низ Куманово.Ова е само еден доказ дека Советот на Општина Куманово заедно со градоначалникот манипулираат со одредени етнички заедници, за да се распишуваат разно разни сомнителни тендери со астрономски суми за расчистување на дивите депонии и чистење на речното корито. Примери има многу и не би сакал да ги редам граѓаните ги знаат и се свесни, но сакам да кажам дека токму ваквите примери што не доведоа до оваа состојба не сплотија од различни сектори и претставници од граѓански здруженија за да им докажеме дека сепак овде мора да постои соживот и да понудиме решенија за решавање на овие горчливи проблеми што ги имаме. Мултиеничноста во нашиот град е предност, а не средство за манипулација и тоа треба јасно и гласно да се каже пред јавноста и пред меѓународниот фактор“, рече тој во интервјуто.

За него, Куманово е град со огромен потенцијал за преубави проекти, но неговото менаџирање не е ниту било на завидно ниво.

„Куманово моментално се наоѓа во ситуација како градот Скопје после земјотресот во 1963 година, насекаде ќе забележите разрушени објекти кои се опасни по животот на граѓаните, дури еднаш се случи еден од таквите објекти да падне врз автобус на градскиот превоз, но за среќа немаше жртви. Кога паѓа дожд, како деновиве, Куманово го зема приматот на „Белград на вода“ и една Венеција може да ни позавиди. Инфраструктурата е очајна, а атмосферската и фекалната канализација се испреплетени и се случува тотален хаос пропратен со лоша ареа. Тоа е реалната слика за Куманово и последица на лошото урбанистичко планирање“, додаде Драган Чунгурски, дел листата за советници во Куманово по предлог од граѓанската независна листа „За чисто и хумано Куманово“.

Тој вели дека очекуваат „сопки“ ако влезат во Советот на Куманово.

„Да. Очекуваме „сопки“ од поедини олигарси кои го имаат доведено градот до ова дереџе, свесни сме дека ќе имаме проблеми и притисоци од урбаната мафија, но ние за секој проблем имаме соодветни механизми за да се справиме со предизвиците. Се е менливо, така да немојте да се зачудите ако во наредните десетина години Куманово биде лидер, град по сите стандарди и пример како може за релативно краток период да биде пример во развој од многу други градови“, потенцираше тој.

Прашан колку ќе влијае промената на името на листата од страна на ДИК и дали истото го сметаат за опструкција, Чунгурски вели дека бројот 41 е поважен од името.

„Граѓаните се заситени од досегашните советници што со години останаа глуви на секој глас на граѓанинот, ако нив исто како нас ги гуши смрдеата и сакаат чист град, ако сакаат опстанок на вредностите и соживот, тогаш нека ни дадат шанса на нас кандидатите од независната листа под број 41. Ние сме мали, но силни и истрајни, ние сме различни, но единствени, ние знаеме како да го вратиме сјајот на нашиот град, ние се бориме да направиме нешто убаво за градот во кој живееме и да ги сочуваме децата на овие простори. Ние сме тие кои немаат багаж и немаме партија зад себе за која треба да работиме и да полагаме сметки пред одредени поединци. Тие сметки ќе ги полагаат граѓаните, ние сме нивниот интерес. Затоа и очекуваме дека ќе гласаат за бројот 41 Група избирачи Сузана Ѓорѓевиќ“, кажа тој.

На крајот ги презентираше и петте приоритети односно столбови, кои според нив, ќе донесат промена и ќе го подобрат животот во Куманово. Преку истите, бараат гласови од жителите на локалните избори кои ќе се одржат во недела.

„На граѓаните на Општина Куманово им е преку глава од „бирократија“, ова значи дека зајакнувањето на капацитетите на Општинската администрација се неопходни. Недозволиво е да се поставуваат луѓе кои нивното завршено образование не соодвејствува на описот на нивното работно место. Ние ќе понудиме решение како да се направи професионална реорганизација на Јавните претпријатија и квалитетна систематизација на Локалната самоуправа. Едношалтерскиот систем мора конечно да се спроведе во Општина Куманово. Една од понудите за добро решение е да ја сместиме Локалната администрација во една зграда, а тоа е поранешната зграда на „Комитет“ која е сопственост на Општина Куманово, а не како до сега да имаме пет дисперзирани општини за потребите на различни сектори и каде што се плаќаат големи кирии на приватни компании или други државни органи. Мора домаќински да се работи. Време е на таа зграда на поранешен Комитет да и се врати функцијата за што е изградена (за потребите на граѓаните), а не како што е сега да биде узурпирана од неколку политички партии или некои други фирми, кои прашање е дали воопшто плаќаат некој надомест за користење на овие простории“, рече Драган Чунгурски.

„Економскиот раст и развој на Општината, граѓаните ќе имаат поголема независност и сигурност. Во Куманово има неколку илјади семејства кои работат на проекти на Блискиот Исток (Ирак, Авганистан или Африка), од каде што носат огромни финансиски средства, но за жал сите овие години никој не се осмели да им помогне во креирање или отварање на нови бизниси во нашиот град. Истите овие средства се одлеваат во соседните држави, наместо овој капитал да се задржи локално. Според нас инвестициите од домашниот капитал се многу поважни и позначајни отколку странските. Ние како независна советничка листа нудиме решенија како Куманово да заличи на вистински „SMART City“ но за ова треба суштински да се пристапи кон решенијата со конкретни проекти и склучување на нови Јавни Приватни партнерства. Инвестиции од страна на Општина Куманово во зелениот урбанизам значи дека сите ние сакаме подобро здравје за нас и нашите деца, а не смртоносни коморбитети. Сите ние дишиме ист загаден воздух, ако се продолжи со ова темпо статистичките резултати што секојдневно ги гледаме од респираторните заболувања ќе бидат поразителни. Одржливиот транспорт во Куманово и сообраќајниот хаос што го гледаме на улиците се провлекува низ сите овие години, додека локалните власти немаат слух за решавање на овој проблем. Во Куманово нема велосипедски патеки, нема шеталишта, нема нов парк, а и оние паркови што ги имаме воопшто не се прошируваат или уредуваат соодветно. Зелените јавни површини се уште една лоша приказна во нашиот град, досега воопшто и нема конкретен проект со решение како да ги оплемениме и да бидат вистински зелени површини. Нашата Стратегија е да понуди зелен катастар и воедно да се мапираат сите дрвја во градот за да може од оваа статистичка операција да се извлечат сите потребни проекти и акции за оддржување и пошумување. Без квалитетно образование, здраво население и почитување на културното и историско наследство нема напредок и во останатите столбови од нашата Стратегија, токму поради ова нашиот петти столб се вика Одржлив развој на образованието, спортот и културата во Куманово“, заклучи тој.

На почеток