Скопје

Во заштитено подрачје во Горно Нерези е изграден објект, Независни за Карпош бараат одговор од општината

На социјалните мрежи се објави информација за изграден станбен објект во текот на 2018, во делот на заштитеното подрачје на Водно, а во рамки на општина Карпош, велат од граѓанската иницијатива Независни за Карпош.

„Се работи за КП 2352/1 со имотен лист 12393. Според имотниот лист, земјиште под зграда е 206 м2, со приземје од 198 м2 и прв кат од 155 м2.

За да добиеш имотен лист за објектите, значи дека се легални, но како може да се легални кога се изградени вон општиот акт за село Горно Нерези, на заштитено подрачје, а законот за постапување со бесправно изградени објекти дозволува легализација само на објекти изградени до 3.3.2011?

Инаку, за да легализираш дивоградба, потребен е доказ за приклучок на комунална инфраструктура и/или сметки за јавни услуги (струја, вода итн.), а доколку бесправниот објект нема инфраструктурни приклучоци, изјава заверена на нотар дадена под кривична и материјална одговорност со која барателот ќе потврди дека бесправниот објект е изграден пред 3.3.2011.

Ако сопственикот има поднесено изјава дека објектот е изграден пред 3.3.2011, одговара кривично.

Нашите советнички ќе бараат официјален одговор од општината за овој случај, дали е легализирана градбата, врз основа на што, па врз основа на добиените одговори, ќе бараме соодветна одговорност и постапување“, стои во објавата.

На почеток