Свет

Голем број скорпии во Египет, загинаа три лица

По силното невреме кое го зафати египетскиот град Асван, се појавија голем број скорпии од кои загинаа три лица, а стотина имаат здравствени проблеми по убодот.

Официјален претставник на египетското Министерство за здравство потврди дека повеќе од 450 лица се пријавиле кај лекарите за убод од скорпија, пренесува Би-би-си.

Невремето проследено со град, обилни дождови и грмотевици во крајбрежниот појас на Нил беше многу силно, а по ваквото време, водата донесе голем број скорпии и змии, на улиците на Асван и околните градови и села.

Властите обезбедија дополнителни дози противотров за локалните рурални клиники, а дополнителен број лекари се распоредени во селата покрај брегот на Нил.

Убодите од скорпија ретко се опасни по живот, но децата и постарите лица се изложени на најголем ризик да развијат сериозни компликации, според американската здравствена институција Клиника Мајо.

Од вкупно околу 1.500 видови скорпии, 30 можат да убијат луѓе.

На почеток