Македонија

Тинејџерка сведочеше за несреќата: пробав да го скршам прозорецот…не успеав, кога се разбудив бев падната надвор

Зулејха Јашаровска е 16- годишна тинејџерка која ја преживеа кобната автобуска несреќа на автопатот Струма во вторникот рано утрото кога загинаа 46 патници, меѓу кои 12 деца. Автобусот ги враќал патниците од викенд екскурзија во Истанбул, преку Бугарија кон Скопје.

-Нешто паметам, нешто не, вели таа од болничкиот кревет во болницата Пирогов во Софија каде по несреќата е на лекување заедно со уште шест патници кои ја преживеаја несреќата.

Таа вели дека седела на последното седиште од автобусот.

-Јас спиев и кога се разбудив, сите викаа, пискаа и сакав да го земам тоа за кршење на џамот, но не успеав и со рака пробав и потоа не паметам што се случи. Кога се разбудив бев падната надвор, вели Зулејха.

Таа од пожарот има изгореници на рацете. Во моментов во Софија во посета кај неа е нејзиниот татко Аднан Јашаровски.

Според сведоштвата на другите преживеани, во спасувањето помогнале патниците Орхан Алити и Љуљзим Сулејмани кои исто така се згрижени во болницата во Софија.

Страотната несреќа ја преживеаја седум патници: Ебип Пајазитовски, Ѓула Јашаровска, Зулејха Јашаровска, Минир Јашаровски, Медина Љутвиј , Љуљзим Сулејмани, кој е државјанин на Србија и Орхан Алити, белгиски државјанин.

На почеток