За седум дена ќе се знае кои се починатите, со утврдени идентитети
Идентификацијата на 45-те загинати во завчерашната тешка сообраќајна несреќа ќе се прави откако ќе биде земен биолошки материјал од роднините на жртвите. Се очекува таа да трае најмалку седум дена и кога ќе заврши ќе биде организирано пренесување на нивните посмртни останки од Бугарија во земјава.
На средба со надлежниот главен обвинител, министерот за надворешни работи Бујар Османи вчера во Софија разговарал да се забрза собирањето биолошки материјал од роднините, кој треба да се спореди со ДНК на жртвите, за што во Скопје ќе биде пратен бугарски тим истражители. По завршување на идентификувањето на загинатите, МНР односно државата, рече Османи, ќе ги преземе телата и ќе организира транспорт до Скопје.
Тој вчера ги посети и седумтемина патници кои ја преживеаја несреќата и рече дека се во стабилна и добра општа состојба, но дел од нив се во тешка психичка состојба и им е потребна професионална помош.
Тие се наоѓаат во софиската болница „Пирогов“ – шест се хоспитализирани на Клиниката за изгореници и пластична хирургија и еден е на трауматологија и им се извршени сите потребни итни интервенции.
Нашето Министерството за здравство соопшти дека сите седум пациенти ќе останат на болничко лекување, а потоа ќе се направи план за нивниот транспорт кон Скопје.
Вештаци и истражители работат на утврдување на движењето на автобусот, местата каде што одморал и брзината со која се движел. Формиран е тим со претставници на Агенцијата за патна инфраструктура и од Дирекцијата за национална контрола во градежништвото во Бугарија, кој во рок од пет дена треба да изврши увид каде што се случи несреќата. Врз основа на наодите од увидот и проверките треба да презентира извештај за состојбата на делницата, како и да процени какви мерки ќе се преземат за нејзино обновување.
Бугарски експерти за безбедност на патиштата посочуваат можни причини за тешката сообраќајка, како избледени хоризонтални ознаки на автопатот, немање патна сигнализација, лоша состојба на рефлектирачката сигнализација, можен шверц на гориво или човечка грешка… Според Румен Дунев, автобусот имал двапати пат на сопирање, а возачот не спиел. Тој тврди дека автобусот се запалил уште пред да ја однесе заштитната ограда од свртувањето.
Во земјава денеска е трет ден жалост за загинатите во несреќата и се откажани културни и спортски настани, а нема да се одржи ни собраниската седница за пратенички прашања.