Мицкоски со тешки обвинувања за коалицијата Заев-Гаши


Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, смета дека коалицијата меѓу СДСМ и Алтернативата е последен чин од обидот за уништување на Македонија. Тој смета дека најавите за нови министерства се дополнителен и непотребен трошок за да му се продолжи векот на траење на премиерот Зоран Заев.
„Ова ми личи на последниот чин за обидот на уништување на Македонија во режија на СДСМ и Зоран Заев. Ова што се случува е препелкање на Зоран Заев и обид да го продолжат својот век на траење на неколку недели. Срамно е ова што се случува, а политиката се сведе на трговија како на Зелен пазар, наместо да зборуваме за развој и проекти, дебатата се сведува кој колку министерски и директорски места добил. На крајот од денот, тоа го праќа сиромашниот граѓанин во Македонија. Ова е последен чин за обидот да се уништи Македонија, а тоа да биде во режија на СДСМ и Зоран Заев“, рече Мицкоски.
Прашан која е силната страна во оваа коалиција, Мицкоски рече: „Па таму нема силна алка. Таму се сите слаба алка“.
„Векот на оваа Влада зависи од тоа колку побргу ќе се вразумат дека тие се нефункционални бидејќи се нефункционални. И фрустрацијата во оваа коалиција е огромна и тоа го гледаме преку позициите што факторите на оваа коалиција ги рефлектираат во јавноста. Брзи избори што побргу се решение“, додаде Мицкоски.
