Скопје

Заврши времето на затворена општина, граѓаните мора да бидат на прво место, вели Стојкоски

Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски во предновогодишното интервју за Курир открива кои се плановите и планираните проекти за идната година. Се осврнува на досега реализираното во кусиот период кој го имаше по преземањето на функцијата. Нагласува, општината е отворена за граѓаните и нивните проблеми. Подетално во интервјуто во продолжение.

Пред два месеци ја преземавте функцијата градоначалник на Општина Ѓорче Петров. Кои проекти во овој период успеавте да ги реализирате?

Стојкоски: Два месеци се релативно кратко време за значителни поместување, но со максимални напори успеавме да финализираме проекти кои ќе се реализираат во периодот што следува. Во крајна фаза е проектот во соработка со општина Ново Брдо од Косово за изградба на пречистителна станица во с.Орман што е капитален исчекор во животната средина и значително ќе придонесе за подобрување на состојбите во екологијата. Првата фаза треба да стартува во јануари. Потпишавме договор со Министерство за финансии за партерно уредување на локалитетот „Крст“ во с.Кучково-фаза 1 (Еко Училница) и за набавка на комунално возило за зимско одржување на улици и патишта во руралните општински средини со што Кучково ќе добие современ центар за рекреација и настава во природа.

Заедно со Град Скопје конечно успеавме да го решиме деценискиот проблем во Ново Село-депонијата која темелно е исчистена. Планирано е овој простор дополнително да биде заграден и уреден со зеленило. Никогаш повеќе нема да дозволиме да се повтори сликата на натрупат смет во овој дел на Ѓорче Петров. Ја довршивме зелената зона на бул. „Македонска војска“, а подигнавме и нови 2.000 м2 зелени површини. Веднаш по доаѓањето на позицијата градоначалник испратив и барање до ресорното Министерство за изградба на градинка во Стопански двор. Немањето доволно капацитети за упис на деца во градинките е еден од посериозните проблеми со кои се соочуваме и се надевам ќе успееме преку нови капацитети и доградба на постоечките да ја намалиме листата на чекање. Имаме многу работа пред нас. Темпото ќе се засилува, и покрај скромниот буџет со кој располагаме и долговите кои ги наследивме и се надевам дека ќе оствариме значителен процент од она што сме го ветиле пред граѓаните. Верувам во капацитетот на мојот тим и уверен сум дека ќе постигнеме успеси по кои ќе бидеме препознатливи.

За кратко време решивте еден од најгорливите проблеми на жителите, депонијата во Ново Село, а беше собран и над седум тони кабаст отпад од руралниот дел на општината. Ова, според вашите најави е само почеток. Што да очекуваат жителите на општина Ѓорче Петров во следниот период по прашањето на здрава животна средина и јавна чистота?

Стојкоски: Да, депонијата дефинитивно беше рак-рана на моите сограѓани и никој претходно вистински не се заложи да го реши овој проблем кој ги „гушеше“ жителите на Ново село и околните места. Веднаш по моето преземање на градоначалничката функција депонијата е целосно исчистена и овој проблем е веќе минато. Сакам да истакнам дека ќе бидеме ригорозни и во однос на казните за неовластено депонирање на ова место и секаде каде што е забрането. Нема повеќе толерирање кога станува збор за здравјето на граѓаните. „Ѓорче без отпад“ е еден од проектите кои ги ветив и полека почнува да се реализира. Во овој сегмент спаѓа и пречистителната станица во Орман што веќе ја споменав. Во однос на животната средина и јавната чистота, во план се подигнување парк во секое маало и проекти за подигнување на свеста на заедницата за важноста од зеленило во кои ќе бидат вклучени повеќе страни. Желба ми е да го направиме централниот парк во Ѓорче Петров најмодерен во Скопје со поставување нови содржини и се надевам ќе успееме во тоа. Во оваа насока, во план е реализација на уште еден чекор – поставување над 600 корпи за отпадоци што значително ќе придонесе за намалување на сметот по улиците, а во фокусот е и менување на фасади на повеќе стари згради низ Ѓорче Петров со нови енергетски ефикасни и еколошки фасади. На сметка на поголемите проекти во екологијата нема да ги занемариме секојдневните обврски кои општината ги има за одржување на чистотата и животната средина.

По повод Светскиот ден на детето кажавте дека сте се запрашале „Што можеме да промениме заедно во најдобар интерес на детето?“. Дали го најдовте одговорот на прашањето, какви проекти се предвидени за подобар живот и развој на децата во Општината?

Стојкоски: Децата се смислата на животот. Можеме многу и посакувам значително поместување на состојбите кои ќе донесат подобро секојдневие за генерациите со кои треба да се гордееме. Секој ден треба да биде светски ден на детето и со сите сили и ресурси ќе се потрудам тоа да се остварува во мојот мандат. Образованието е една од гранките кои треба да претрпат највеќе промени на локално ниво, а училиштата се институции во кои децата го минуваат поголемиот дел од нивното време. Токму затоа, фокусот треба тука да ни се задржи. Во план е модернизација на сите училишта согласно ЕУ стандардите, стипендии за ученици, инвестиции во наставниот кадар кој исто така треба да се надоградува, реконструкција на училиштата и подобрување на инфраструктурата, бесплатен интернет, награди за истакнати ученици, реконструкција на училниците и уште неколку крупни чекори во образовната сфера. Поддршка на децата со посебни потреби во училиштата, исто така ми е особено важно и силно ќе се заложам во овој дел. Како родител и како градоначалник, свесен сум за неопходноста од квалитетен образовен процес што на долг рок дава успешни генерации. Затоа, уверен сум дека со посветена работа и со темпото со кое тргнавме за некое време со гордост ќе може да кажеме дека сме застапници на интересот на најмладите наши жители. Во делот на културата и забавата, пак, сакам да потенцирам дека културни и забавни содржини, нови детски игралишта и реквизити за децата ни се исто така на „мапата“ за следните четири години од мандатот. И сето тоа е во најдобар интерес исклучиво само за нашите деца.

Одржувате средби со граѓаните секој последен четврток во месецот. Кои се најчестите проблеми кои ги посочуваат и какви се предлозите до Вас? Како се одвива активноста „детектираме, планираме, реализираме“?

Стојкоски: Заврши времето на затворена општина. Граѓаните мора да бидат на прво место и додека сум јас градоначалник тие ќе имаат предност и ќе бидат добредојдени во општината. Веќе остварив средби со стотици граѓани. Внимателно ги слушам нивните идеи и иницијативи и сите што се остварливи ќе бидат земени в предвид. Но, граѓани доаѓаат и секојдневно и мене ми е мило да ги сослушам и да им помогнам. Најчесто ги мачат урбанистички проблеми. Како човек и доктор, емпатијата ми посебно нагласено чувство и јас лично се соживувам со сечиј проблем и ги преживувам во себе истите маки што сум ги слушнал од моите сограѓани. Но, упорноста е исто така дел од мојот карактер и со цела енергија што ја имам, многу често и по завршување на работното време се трудам да ги решам проблемите. Ако не детектираме, нема ниту да реализираме. Затоа продолжуваме со праксата на отворена општина уште по интензивно.

Спортот и рекреацијата се едни од полињата на кои особено им посветувате внимание. Граѓаните се горди на фудбалскиот клуб Македонија Ѓорче Петров и на пливачот Андреј Стојаноски. Кои се идните планови за развој на професионалниот и рекреативниот спорт во Општина Ѓорче Петров?

Стојкоски: Спортот од финансиски аспект е единствена ставка каде не намаливме средства од буџетот за 2022 година. Ѓорче Петров е јадро на успешни индивидуалци и спортски клубови со кои се гордееме. Така и ќе остане. Имаме сериозни планови за развој на спортот. Ќе продолжиме да ги поддржуваме овие категории во рамки на нашите можности, а веќе стартувавме со училишните спортски лиги кои ги поддржуваме технички и финансиски. Особено е важно децата да спортуваат заради нивниот правилен психофизички развој и тука ќе вложам максимални напори. Остануваат во план стипендиите за млади таленти и финансиска поддршка на спортските клубови, проектот „спортско рекреативен центар – Хром“ со повеќе содржини, проектот „атлетска трка Ѓорче трча“ со цел поддршка на масовниот спорт, субвенции за велосипеди и реконструкција на спортските терени во рамки на училиштата, терен за кошарка во секое маало…. итн. Добро сте процениле. Спортот останува едно од полињата каде ќе се посветува посебно внимание.

Кои се приоритетите и планираните активности на Општината за идната година?

Стојкоски: Програмите за работа на секторите се пред советниците за гласање. Очекувам дека со мојата администрација ќе успееме заеднички да ги надминеме финансиските пречки кои ги наследивме и да оствариме дел од проектите. Пред нас се сериозни чекори за годината што доаѓа. Партерно уредување на локалитетот „Крст“, изградба на атмосферска канализација на ул.„Радушка“ во должина од 1.115 метри, изградбата на пречистителната станица во с.Орман и старт на изградба на нова градинка со капацитет за 120 деца во Ново село се дел од приоритетните планирани активности.

Вашата новогодишна порака/честитка до жителите на Општина Ѓорче Петров е?

Стојкоски: На моите сограѓани им посакувам пред се добро здравје, благосостојба во домовите, да се среќни и успешни. Им ги честитам претстојните празници и посакувам заедно да успееме во наредните четири години да го направиме Ѓорче Петров како што го замисливме – модерно, урбано и хумано. Моите ѓорчепетровци ми беа главниот мотив да се кандидирам за градоначалник и точно знам со кои проблеми се соочуваат. Успехот е резултат на правилен избор. Ве повикувам заедно да успееме и да ги избереме правилните приоритети кои ќе бидат наша водилка во годините што доаѓаат.

На почеток