Во новата година влегуваме со високи бројки, во Битола ситуацијата избега од контрола, вели Трајковски


Во новата година влегуваме со висок старт на бројките, а за еден месец може да не остане незаразен човек при вакво однесување, посочува професорот Трајковски во неговата последна анализа за корона вирусот во Македонија.
„Во Битола ситуацијата веќе избега од контрола – ефективниот репродукциски број Rt е веќе сериозно над единица (на првата слика), а дневните броеви на нови случаи започнаа експоненцијално да растат (на дијаграмот на втората слика).
Насекаде низ државата се забележува зголемен број на тестирања, веројатно поради патувања во странство, но стапката на позитивни тестови не е многу висока и растот на броевите не е толку многу изразен како во Битола. Најзабрзан раст имаме во Битола и Струга, случајно или не – токму таму каде што се откриени првите случаи на омикрон сојот. По еден случај во градовите засега не изгледа многу, но тоа е само врвот на ледениот брег. Под вода останува многу поголемиот дел, што сé уште не го гледаме.
Дијаграмот на 14-дневната инциденца (на третата слика) во Битола многу побргу искачува отколку на државно ниво (зелената наспроти црвената линија). Ако во претходните бранови Битола се приклучувала последна, изгледа дека во случајот на омикрон сојот токму од Битола сé започнува. Многу рано забележуваме преку 50 случаи дневно, што значи – доколку доволно би се тестирало – за кратко време би можеле да видиме 100-200 случаи на ден.
Бројот на активни случаи неверојатно реско, во форма на латиничната буква V ја смени насоката (на дијаграмот на четвртата слика) и започна да искачува кон нов врв.
Иако омикрон сојот во Битола стигна меѓу првите, крајното невнимание и недисциплина доведоа до ваков развој на ситуацијата. Вчера со свои очи видов во три кафеани разуларено однесување – пијано пеење со директно внесување в лице, вцрвени и испотени лица од напорот да се вика што е можно погласно во лицето на другиот, музика со јачина на звукот на прагот на болка (120 dB). Во такви услови би било чудно да нема, а не да има толку многу случаи.
Во новата година влегуваме со висок старт на бројките, а за еден месец може да не остане незаразен човек при вакво однесување. Многу нема да ни помогне вниманието, кога вакви луѓе ќе го расејуваат вирусот насекаде. Доколку тие би оделе само во кафеани, не би било многу страшно, но одат и во маркети, на работа, во разни институции каде циркулираат многу луѓе. Практично нема начин да се избегне заразувањето. Останува да се надеваме на делумниот имунитет од прележувањето и вакцинирањето, но зошто мора сé да биде вака, во секој бран сé понеконтролирано?, пишува во објавата проф. Трајковски.
