Уапсен Капушевски, чија фирма добавуваше мазут: со полиција изваден од домот во Орман


Ратко Капушевски е уапсен од неговиот дом во селото Орман, односно комплексот „Верина“. Информацијата останува непотврдена, а тој се осомничен во истрага на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Капушевски е ексдиректор на спортскиот центар „Борис Трајковски“ од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Во 2014 година ја напушти државната служба и започна работа како проект-менаџер во канцеларијата на рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко. Потоа, се посвети на енергетскиот сектор и неговата компанија, РКМ, која добавуваше мазут за ТЕЦ „Неготино“. Токму мазутот и набавките се предмет на истрага во Обвинителството.
„Раководство на јавен обвинител од ОЈО ГОКК, БЈБ и МВР извршуваат претреси на повеќе локации низ државава. Претресите се со Наредба на судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје, а во врска со сторени кривични дела поврзани со набавка на деривати. Подетални информации ќе бидат споделени во текот на утрешниот ден“, велат од Обвинителстовто.
Фирмата на Капушевски во повеќе наврати добиваше тендери за набавка на нафта и нафтени деривати за државни институции, а набавките беа вреди стотици милиони евра.
