(ВИДЕО) Уапсен осомничен по пожарот во зградата на парламентот во Јужна Африка
Властите во Јужноафриканската Република по пожарот во зградата на парламентот соопштија дека уапсиле маж осомничен за подметнување пожар, провала и кражба и најавија дека во вторник ќе биде изведен пред суд.
Јужноафриканскиот претседател Сирил Рамафоса оцени дека пожарот е „страшен и разорен настан“, но вети дека парламентот ќе продолжи со својата работа, пренесува Би-би-си.
На снимката од местото на настанот се гледа облак од црн чад кој се дига кон небото и голем пламен од покривот на зградата на парламентот.
Официјални лица потврдија дека пожарот избувнал во канцелариите на третиот кат и брзо се проширил во собраниската сала на Долниот дом, јави известувачот на британскиот јавен сервис од Кејп Таун.
Report of fire at #SouthAfrican #parliament in #capetown #BREAKING pic.twitter.com/LRBQQC0YVy
— Global.TV (@GlobalTelevsion) January 2, 2022
– Во пожарот нема повредени – изјави портпаролот на противпожарната служба на Кејп Таун, Џермејн Карелси и додаде дека во гаснењето на пожарот учествувале повеќе од 35 пожарникари, кој по неколкучасовна интервенција е локализиран, пренесе претходно АП.
Според Би-Би-Си, пожарот избувнал неколку часа по вчерашниот погреб на надбискупот Дезмонд Туту во катедралата Свети Џорџ, во близина на парламентот, кој во моментов не заседава поради празниците.