Македонија е национално прашање за Бугарија, Радев се бори за „македонските Бугари“
Претседателот Румен Радев свикa состанок на Советодавниот совет за национална безбедност на тема „Интеграција на Западен Балкан во ЕУ. Улогата на Република Бугарија во проширувањето на ЕУ и во процесот на стабилизација и асоцијација: Република Северна Македонија и Албанија“.
Состанокот ќе се одржи на 10 јануари во 14.00 часот, а на него ќе присуствуваат и претседателите на политичките сили застапени во парламентот, јави репортерот на БГНЕС.
„Важно е да се има став во ова највисоко политичко тело. Треба да го забрзаме процесот на европска интеграција на РС Македонија, но со почитување на националниот интерес. Важно е да се разбере дека правата на македонските Бугари, создавањето услови за нивно целосно вклучување во јавниот, политичкиот, културниот живот на земјата е прашање од големо значење за Бугарија. Не еднаш сум повикал да престане говорот на омраза“, коментираше претседателот Радев неколку дена пред ЗНД.
Премиерот Кирил Петков во пресрет на состанокот на советодавното тело коментираше дека темата РС Македонија е национално прашање и треба да се слушнат сите мислења. Тој беше дециден дека ставот на Бугарија за преговарачкиот процес е зачуван, односно во владејачката коалиција има заеднички и јасен став, договорен пред очите на целиот бугарски народ.
Следниот вторник, 18 јануари, бугарскиот премиер ќе престојува во Македонија на средба со идниот македонски премиер Димитар Ковачевски. Посетата ќе означи нов почеток во развојот на билатералните односи меѓу двете земји и ќе ги претстави следните чекори што двете влади ќе ги преземат за решавање на отворените билатерални прашања.
„Треба да го промениме сфаќањето за тоа што навистина значи за РС Македонија да преговара со ЕУ и да биде дел од неа во иднина. Ајде да зборуваме за сите придобивки што ќе ги имаме и ние и РСМ од овој процес“, рече Кирил Петков.