Свет

Русиja: „Нема повеќе украински сили во Мариупол“

Руското Министерство за одбрана соопшти дека повеќе нема украински сили во целото урбано подрачје на Мариупол.

Како што се наведува, само неколку борци останале во фабриката за челик Азовстал – каде што се воделе борбите.

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски изјави дека ситуацијата во Мариупол е исклучително сериозна и дека тој и високи функционери секојдневно се во контакт со бранителите на градот.

Зеленски во своето обраќање ја обвини Русија дека се обидува, како што рече, да го сотре локалното население, но не зборуваше за тврдењата на Москва дека повеќе нема сили на украинската армија во градската област Мариупол.

Руското Министерство претходно објави дека од 16 април, украинските сили изгубиле повеќе од 4.000 луѓе во опколениот пристанишен град, пренесе руската државна новинска агенција РИА – пренесе Ројтерс.

„Целото урбано подрачје на Мариупол е целосно исчистено… Остатоците на украинската група во моментов се целосно блокирани на територијата на металуршкиот комбинат Азовстал. Нивната единствена шанса да ги спасат своите животи е да го положат оружјето и да се предадат. “, соопшти Министерството.

Веќе неколку недели, руските трупи се обидуваат да заземат пристаниште на Азовското Море – североисточно од Црното Море.

На почеток