Директорот на Градски паркинг се пожали од МВР: Се’ уште имаме опструкции
На денешната седница на Советот на Град Скопје, една од точките на дневен ред беше и Предлог одлука за давање согласност за усвојување на годишната сметка на ЈП Градски Паркинг – Скопје за 2021 година. Во делот на раправата во своето обраќање советникот Галевски, потенцирајќи ги аферите на претходното раководство на претпријатието, како што се злоупотреба со платежни картички, превработување на партиска основа и слично, укажа на тоа дека видно се намалени приходите од Сектор Пајак, при што побара одговор од актуелниот директор Бојан Христовски за ова. Галевски додаде дека причината за ова е политичка опструкција од страна на Министерството за внатрешни работи (МВР).
Директорот Христовски од говорницата потенцираше дека, во изминатиов период неколку пати реагира за овој проблем, а освен тоа се одржуваат комуникации и средби со МВР за надминување на истиот – сепак тој уште не е решен и опструкциите и понатаму траат.
„Морам да истакнам дека правиме обиди и напори за подобрување или воопшто воспоставување на соработка со МВР, со цел на дневно ниво да се отстрануваат непрописно паркираните возила од коловозите, коишто ја загрозуваат безбедноста во сообраќајот во Скопје. Сега за сега немаме никакви реакции, се’ уште се подигнуваат многу мал број на возила од тротоарите, пешачките зони, места кадешто може да поминуваат лица со посебни потребни и слично“, одговори Христовски.
Освен ова, тој истакна дека постојано се контактираат министерот Оливер Спасовски како и другите одговорни функционери за овој проблем, меѓутоа нема никаков фидбек, па поради ова логично е тоа што го рече советникот дека е политичка опструкција.
„Еднаш или два пати неделно писмено се обраќаме до министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, до директорот за јавна безбедност Сашо Тасевски и началникот на СВР Скопје, Тони Јакимовски, на коишто постојано им укажуваме на реакциите кои секојдневно пристигнуваат до нашето претпријатие од трети лица, граѓани или правни субјекти коишто се жалат на непостапувањето од страна на МВР, односно пријавуваат на бројот 192 кадешто ги известуваат за непрописно паркираните возила, чиешто постапување за отстранување е во ингеренции на МВР, но од страна на министерството нема реакција. Ние ќе продолжиме со нашите барања, како и јавно и институционално да ги повикуваме да си ја вршат својата работа“, нагласи Христовски.