Стојкоски го стартува „Ѓорче без кал“, пет населени места добиваат нови улици!
Ѓорче Петров стартува со пролетната градежна експанзија. Градоначалникот Александар Стојкоски вели дека проектот „Ѓорче без кал“ станува реалност. На барање на жителите, градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска поднесе иницијатива, а Советот на Град Скопје на денешната седница донесе одлука за воспоставување меѓуопштинска соработка со општина Ѓорче Петров за асфалтирање на над 24 улици во општината со должина од над 5.000 метри во неколку населени места.
„Со оваа одлука е предвидено Град Скопје и Општина Ѓорче Петров да воспостават соработка со цел асфалтирање на поголем број на улици во пет населени места, односно во Волково, Кисела Јабука, Даме Груев, Ново Село и Стопански Двор. Со оваа одлука е предвидено асфалтирање на следните сообраќајници: Во село Волково ќе се асфалтираат 12 улици, односно ул. 83, ул. 100 десен крак, ул. 73, ул. 74 и ул. 78, ул. 80 Пржина, ул. 81 крак 1; 2 и 3 лево и ул. 81 крак 4 десно; Во населбата Кисела Јабука ќе се асфалтираат 7 улици, односно ул. 4, ул. 6, краци на улиците 46 и 46а и ул. 68, ул. 10 и ул. 34; Во населба Даме Груев ќе се асфалтира ул. „Антон Кецкаров“ кон касарна лево; Во Ново Село ќе се асфалтираат 3 улици, односно улицата пред ООУ „Тихомир Милошевски“ крак десно и лево, како и краци на улиците 2 и 4; Во населба Стопански Двор ќе се асфалтира улица 52 краци десно. Проценетата вредност на овој проект изнесува околу 26 милиони денари и тоа Град Скопје ќе издвои средства во износ од 25 милиони денари, додека Општина Ѓорче Петров ќе учествува со милион денари и со изработка на техничка документација.
Успехот е резултат на правилен избор на повеќе одлуки, континуирана работа и слух кон секој еден од Вас. На прво место е интересот на граѓаните. Изборот е Ѓорче Петров над просечноста, дадениот збор и чесните одлуки кои ги носиме заедно“, вели градоначалникот Стојкоски.
Тој вели дека целта е да нема неасфалтирани улици и незадоволни граѓани.
„Ја враќаме вербата кон вистинскиот пат за работата во Ѓорче Петров“, објави Стојкоски..