Актуелно

Ковачевски: По минималната плата, следува раст и на другите плати, но и барање за ефикасност

Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, на седницата за пратенички прашања во Парламентот соопшти дека по минималната плата, следува раст и на другите плати, но најави и зголемување на продуктивноста и ефикасноста во јавниот сектор, што исто како и за минималната плата, ќе се уреди со закон.

„Имаме 18.000 денари минимална плата. Сега се потребни две минимални плати за да се покрие една синдикална кошничка. Двајца ако работат со минимална плата можат да ја покријат синдикалната кошничка, за разлика од тогаш кога можеле да покријат половина кошничка. Во 2016 година, учеството на минималната плата во просечната плата било 38 проценти. Просечната плата во тоа време била 22.000 денари. Сега просечната плата е скоро 30.000 денари. Тоа значи дека пораснале сите плати во државата. Во 2021 година, минималната плата учествува со 52 процента со просечната плата, а во 2022 година, денес, минималната плата учествува со 62 процента во просечната плата“, посочи премиерот Ковачевски.

Тој рече дека е тоа постигнато низ социјален дијалог, каде што биле присутни сите синдикати, а не само репрезентативните, иако некои од синдикалните лидери на нерепрезентативни синдикати, како што откри, сѐ правеле да се растури тој состанок.

„Паралелно со тоа, државата обезбеди поддршка за покривање до крајот на годината, на придонесите за зголемување на минималната плата. Важечка е програмата за субвенционирање на порастот на платите во приватниот сектор. Доколку компанија реши да ја качи платата на вработените, тогаш државата учествува со субвенционирање на придонесите. Компаниите се решаваат на тоа, бидејќи можат да ја зголемат продуктивноста и да добијат и поддршка на инвестициите, коишто порано беа само за странските инвестициите“, додаде премиерот Ковачевски.

Тој соопшти дека „продуктивноста, производството и извозот порасна и имаме економија којашто две години е во криза и којашто во третата година има перформанси – според наплатата на ДДВ-то, придонесите и сите други даноци, поголеми од минатата година – бидејќи е во добра кондиција“.

Претседателот на Владата рече дека со репрезентативниот синдикат веќе е почнат социјален дијалог за усогласување на платите во јавниот сектор, но повика на поголема ефикасност.

„Ние не можеме константно само да ги зголемуваме платите во јавниот сектор, без никакво барање од јавниот сектор, да не се зголемува продуктивноста на јавниот сектор. Приватниот сектор кој ги финансира платите во јавниот сектор бара зголемување на продуктивноста и на ефикасноста на работењето. Ќе се договори сума за зголемување, ќе се договори методологија за зголемување, веќе нема потреби од политички влијанија за зголемување на минималната плата утврдена со закон. Ќе се гледа и сложеноста на работни места, но паралелно мора да тече процесот на ефикасноста, ефективноста и рационализација со цел да се зголеми продуктивноста, што ќе биде пропратено со нов Закон за плати“, дополни премиерот.

Тој посочи и на постоечка неконзистентност на плати, при што членови на управни одбори имаат поголеми плати од претседател на држава, од претседател на врховен суд, а немаат придонес и објасни дека се работи за јавни претпријатија коишто се загубари.

„Во наредните 6 месеци ќе се работи на ваков закон и ја повикувам опозицијата да учествува во работната група, заедно со МТСП“, побара премиерот Ковачевски.

Тој констатираше дека мора да се направи и реорганизација на претпријатијата коишто креираат загуби и дека со сето ова ќе се овозможи функционалност од што ќе бидат сите задоволни.

„Да направиме ефикасна држава во којашто приватниот сектор ќе ги добива најдобрите услуги од јавниот сектор и ќе биде секогаш способен и попродуктивен и подобар да може тоа да го финансира во иднина“, порача премиерот Ковачевски на денешната седница за пратенички прашања во Собранието на Република Северна Македонија.

На почеток