Девет години затвор за Груевски, три за Јанакиески, Трајковски доби четири години
Поранешниот премиер Никола Груевски за злоупотреба на службената положба и овластување доби девет години затвор во случајот „ТНТ“. Миле Јанакиески, ексминистер за транспорт и врски е осуден на три години затвор. Поранешниот градоначалник на Гази Баба Тони Трајковски доби четири години затвор. Инспекторката од Гази Баба, Елисавета Најдовска е осудена на четири години затвор. За спроведување на тендерот за уривање на „Космос“ односно фаворизирање на фирма која уривала се ослободени три лица: Насе Ралев, Марика Зафировска, Александра Димитриевска – Аврамовска бидејќи не е докажано дека го сториле делото.
„Обвинетите за да му се одмазат на Фијат Цановски кој ја напуштил коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ, искористувајќи ја нивната моќ со умисла го поттикнале Тони Трајковски да стори кривично дело, тој како градоначалник да ја искористи службената положба и да го сруши незаконски објектот Космос. Тони Трајковски го прифатил тоа и ја поттикнал обвинетата Елисавета Најдовска. Тој ѝ кажал дека Јанакиески и Груевски побарале да се сруши објектот, а таа прифатила. Таа направила мерење на максималната височина на нултата точка, без да постојат законски услови на мерење на таа височина, без да има заштитен тротоар на зградата. Составила записник каде незаконски навела дека објектот отстапува од квотите и донела незаконско решение за уривање“, објасни судијата Ставрев.
Според обвинението на СЈО, обвинетите во 2011 година сториле кривично дело од политичка омраза со уривање на комплексот „Космос“ на Фијат Цаноски. Случајот добива првостепена пресуда по 11 години.