„ТНТ“ застарел? Рустеми бара казни, Јанакиески му контрира: Со пресуда за урнат нелегален објект, му ги полните џебовите на Фијат
Обвинителот Бурим Рустеми смета дека не докажал оти ексминистерот Миле Јанакиески сторил злоупотреба на службената положба и овластувањето во делот на јавната набавка. Тој му посочи на судот дека се откажува од тој дел на обвинението. Рустеми ја прецизира и штетата што според него му била нанесена на бизнисменот Фијат Цановски, а која изнесува 683.514.964 денари. За другиот дел од обвинението, а кое се однесува за незаконско уривање на „Космос“, Рустеми е уверен дека докажал оти обвинетите ги сториле делата и бараше затворски казни.
„Сметам дека успеав да ја докажам фактичката состојба, предлагам обвинетите да бидат огласени за виновни. За Миле Јанакиески, кажав и претходно, тој се извини, ги потврди разговорите, а тоа е олеснителна околност, која треба особено да се цени. Предлагам за судот како околности да ги цени степенот на кривичната одговорност, последицата од делото, односно штетата, фактот дека тие комбинирано се обидувале да ја избегнат кривичната одговорност, фактот што не изразија каење и жалење, освен Јанакиески. И затоа сметам дека треба ефективна казна затвор за обвинетите“, рече Рустеми.
Јанакиески тврди дека ништо не е докажано
Ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески побара од судот за случајот ТНТ да донесе одбвателна пресуда. Тој рече: „Ве замолувам да ги цените доказите и завршните зборови, да донесете ослободителна и одбивателна пресуда“. Според него, објектот немало да се отстранува, ако бил легален.
На судиите Огнен Ставрев и Осман Шабани им посочи: „Ако добијам шеста осудителна пресуда, нема да се смени ништо, освен што Фијат Цановски ќе заработи фантастична сума пари од буџетот“.
Според него, треба да се заштити буџетот на државата, да се ценат само докази, а не, како што рече, субјективно толкување на прислушкуваните разговори.
Јанакиески како уште една причина за негово ослободување од вина го посочи и помилувањето кое го даде експретседателот на државата Ѓорѓе Иванов. Според него, мислењето на професорот Никола Тупанчески, сега министер за правда, во кое се посочува дека предметот е застарен, е уште една причина зошто веднаш треба да се донесе одбивателна пресуда.
„Во однос на аудиозаписите и транскриптите, сакам да истакнам дека најважно е да се знае дека не постои разговор или СМС каде вршам поттикнувачки дејствија кон Тони Трајковски или инспекторката. Не постои ниту комуникација, каде се бара или јас барам, незаконски да се сруши објектот ‘Космос’. Ова се основните битија на обвинителниот акт. Надвор од разумно сомневање требаше да се докаже дека ‘Космос’ не е дивоградба. Ама тоа е невозможно, бидејќи сите судски истанци во нашата држава посочуваат дека ‘Космос’ е дивоградба“, кажа Јанакиески.
„Што според мене е најважно: ‘Космос’ е граден спротивно на одобрение за градење, тоа е докажано. Надлежните институции и лица се должни по закон да постапуваат во вакви случаи, во спротивно сносат кривична одговорност за непостапување и овозможување корист на трето лице. Инспекторката морала да постапи по налог на Државниот инспекторат. ‘Космос’ не е единствениот објект кој се рушел, како тогаш така и сега. Не само Груевски, туку и директорот на БЈБ, министерот за внатрешни работи биле заинтересирани за објектот ‘Космос’. Не сум имал зошто да го уривам ‘Космос’, и Цановски кажа дека сме биле пријатели во тој период. Прашањето кое е најважно: дали ‘Космос’ ќе се уриваше ако не отстапуваше од одобрението за градење? Не. Ако со градењето не бил прекршен законот, дали ќе се рушело? Не. Според ова, се суди зошто државата рушела објект кој бил за рушење, спротивен на закон“, додаде Јанакиески по што кажа:
„Дали ако ми пренесувал информации и ме прашувал што знам јас и за факти околу објектот Космос тоа значи дека се руши објект од политички побуди? Не. Дали ако на претседател на Влада на негово прашање му прераскажам што стручни лица напишале и утврдиле како фактичка состојба на објектот значи дека јас сум поттикнал некого да стори противправно дејствие? Не, и не смее да се толкува секој разговор субјективно и дека тој или тие разговори се противправни или дека од нив може да се толкува дека дејствие на некое лице, во конкретниот случај јас, постапило противправно. Но и најважното, дали за секое уривање објекти, а ги имала илјадници, кои минале низ иста процедура како и Космос, имаат сега право да кажат инвеститорите:’Да, отстапуваме од законските ограничувања, ама нè рушат поради политички причини?’. Како можеме да цениме побуди, субјективно, од некои си разговори, ако имаме предвид дека е прекршен закон? И сега, спојувањето е министер или градоначалник или овластен градежен инженер кој треба да спроведува закон“.
„Предметот за „ТНТ“ застарил пред осум месеци“
Ако е ова точно, тогаш не може да се донесе ниту пресуда. Ова произлегува од толкувањето на одредбите на Кривичниот законик, односно правното мислење кое го дал министерот за правда Никола Тупанчески, во својство на правник и професор на Правниот факултет во Скопје. Според Тупанчески, кривично дело за кое е запретена казна затвор од над три години целосно застарува по десет години. Тоа значи дека ако обвинителот ги гони ексминистерот и обвинет во Миле Јанакиески и ексградоначалникот и обвинет Тони Трајковски заедно со административците за дела сторени во 2011 година, тие застаруваат во 2021 година. Во овој случај, сите обвинети се гонат за злоупотреба на службена положба и овластување, каде минималната казна е три години затвор.
„Ако станува збор за кривично дело за кое според законот може да се изрече казна затвор од над три години затвор, а делото е сторено во 2011 година, релативната застареност е пет години, а апсолутната е десет години. Сиплифицирано, тоа значи дека за дела извршени во 2011 година, за кои може да се изрече казна затвор од над три години, според Кривичниот законик апсолутната застареност е во 2021 година. Секое друго читање на законот и поврзување со стандард ‘општ законски максимум’, би било погрешно и би значело повреда..“, се вели меѓудругото во правното мислење на Тупанчески.