Уапсената негувателка врзала дете за кревет била под дејство на алкохол
Вработена во Домот за доенчиња и мали деца во Битола за време на работа во алкохолизирана состојба врзала едно од децата во вреќа за спиење за кревет, а другите ги запоставила, констатирал Народниот правобранител, постапувајќи по предмет по сопствена иницијатива по непосреден увид во установата.
Омбудсманот соопшти дека утврдено било дека вработената била во алкохолизирана состојба, а раководството на установата презема мерки против вработената, поради таквото постапување. Очекува реакција и од надлежното министерство.
„Омбудсманот очекува од надлежното Министерство да преземе мерки за најстрого санкционирање на ваквиот однос на вработената, при што укажува дека особено треба да се зајакнат критериумите, но и да се води грижа за начинот на селекција на лицата кои се вработуваат во установи и други форми на згрижување на деца и деца/лица со попреченост и апелира редовно да се контролира и мониторира квалитетот на услугата која ја даваат вработените во јавните установи, вклучително и во Малите групни домови, односот кон децата“, стои во соопштението.