Свет

Околу 2.000 нуклеарни боеви глави се во состојба на висока готовност

Нуклеарните арсенали ширум светот се очекува да растат во наредните години, за прв пат по Студената војна. Исто така, постои зголемен ризик од користење на такво оружје. Дури и тој ризик е највисок во историјата, според Стокхолмскиот меѓународен институт за мировни истражувања (СИПРИ).

„Руската инвазија на Украина и западната поддршка за Киев ги зголемија тензиите меѓу деветте нуклеарни сили“, објави СИПРИ, пренесува Ројтерс.

Иако бројот на нуклеарно оружје малку се намали меѓу јануари 2021 година и јануари 2022 година, СИПРИ наведува дека, доколку нема итна акција од страна на нуклеарните сили, боевите глави наскоро би можеле да бидат надградени.

„Сите нуклеарни сили се зајакнуваат, го подобруваат својот арсенал и повеќето ја заоструваат својата нуклеарна реторика и улогата што нуклеарното оружје ја игра во нивните воени стратегии. Ова е многу загрижувачки тренд“, рече директорот на СИПРИ, Вилфред Ван.

Шведскиот институт наведува дека бројот на нуклеарни боеви глави паднал на 12.705 во јануари 2022 година, во споредба со 13.080 во јануари 2021 година. Околу 3.732 нуклеарни боеви глави се подготвени за употреба на проектили и авиони, а околу 2.000, од ​​кои речиси сите припаѓаат на Русија или на САД, се во состојба на висока готовност.

На почеток