Ердоган лут на Западот: „Не може да им се верува“

Не може да им се верува на западните земји, особено во политичките прашања, рече турскиот претседател за време на разговорите со претставниците на младите во Ван.
„Ја прашуваме Грција зошто изградивте воени бази. Тие ни даваат одговор: „против Русија“. А што направивте за да ја поддржите Украина ако сте против Русија? Сето тоа е лага. На овој Запад не може да му се верува“, рече турскиот претседател Ердоган, пренесе РИА Новости.
Според него, може да се соработува со западните земји на полето на науката или уметноста, но не и политиката.
„На пример, Брисел не може да донесе конечна одлука за влезот на Турција во Европската унија многу години, иако Анкара доби кандидатски статус во 1999 година“, додаде Ердоган.
Тој претходно предупреди дека тековната милитаризација на островот во источниот дел на Егејот од страна на Грција би можела „да заврши со катастрофа“.
Односите меѓу двете земји се сериозно затегнати во последните години поради територијалните спорови, како и поради фактот што двете страни не успеаја да се договорат за границите на поморските зони.
Ердоган минатиот месец изјави дека се противи на барањето на Шведска и Финска да се приклучат на НАТО. Турскиот претседател ги обвини владите на тие земји дека ги поддржуваат и даваат засолниште на курдските милитанти и другите групи кои тој ги смета за терористи.
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска изјави дека загриженоста на Турција е оправдана.
„Ова се оправдани грижи. Станува збор за тероризам, за извоз на оружје“, рече Столтенберг на заедничката прес-конференција со финскиот претседател Саули Нинист.
Според генералниот секретар на НАТО, ниту еден сојузник на НАТО не претрпел повеќе терористички напади од Турција.
