Магазин

(ВИДЕО) Трифун Костовски: Пурата ми е афродизијак

Со нов имиџ, долга коса и пурата за која вели дека му е афродизијак, поранешниот градоначалник и бизнисмен Трифун Костовски ужива во новиот кежуал стил. Вели, дека вака се чувствува убаво, далеку од конвенционалниот начин на облекување кога заради работата секогаш морал да носи костум и вратоврска.

„Уживам во новиот стил. Се чувствувам слободен. Кога влегов во пензија станав малку и мрзелив за да се средувам секој ден“, вели Костовски.

Ни откри и дека кога во раната младост ќе ви забранат нешто, сфаќате дека подоцна тоа можете да го направите. Оти ниту во школо, ниту на факултет, а уште помалку заради функцијата која ја имаше, Костовски не можел да носи долга коса, да пушта брада или да се облекува кежуал.

„Колку времето минува секвенците ми се враќаат од рано детство. И некои работи се повторуваат. Мајка нè имаше двајца, мене и брат ми и таа патеше што нема ќерка. Во мене гледаше женско дете, ми пушташе коса, па панделки… Ех, штета што не знам каде се тие слики“, открива Костовски за Репортер.

Кога сме кај стилот и брендираната облека вели: „Бос и Армани се незаменливи, ама немам проблем да купам и евтино. Скоро купив 20 пара чорапи, евтини од по 40 денари, ма преубави“, раскажува некогашниот градоначалник.

Зборувавме за времињата кога со ракометарките од Кометал Ѓорче Петров ја освоија европската титула. Но, и сега кога повторно по 20 години се сретнаа и имаа незаборавна ноќ со многу играње и музика.

„Ракометарките се мои деца и тоа така ќе остане“, вели Костовски.

Во разговорот ни откри дека и сега на овие години еднаш во недела игра фудбал, тенис, сака да почне да оди и во теретана. Пуши пура која ем е афродизијак ем како вели, разбибрига, и сè уште снима песни кои планира да ги промовира. Сопруг, татко на три деца, но и дедо кој ги разгалува внуците.

Вели: „Горд татко сум на три деца. Кога беа мали, јас многу работев и ми е жал што немав време да им посветам внимание. Тие менуваа школи, патуваа. Жал ми е што некогаш морав нивната љубов да ја купувам со скапи подароци. Ако ме прашуваш во кое дете се гледам, ќе ти кажам – Филип ја наследи од мене хуманоста, Олга го има оној осет за бизнис, а Коста, па тој е најпрекрасното нешто, најубаво знае сè, а некогаш знае и да заебе,“ вели Костовски.
За новиот имиџ заради кој се чувствува млад, за времето кога мајка му го облекувала како женско, за последните минути пред Кометал да стане Европски шампион, кому и зошто помагал кога требале донации, за децата и бракот… Гледајте го интервјуто.

На почеток