Коментари

Костовски: На Данела и се случува истото што и мене, разидувањето со ВМРО-ДПМНЕ е во фактот кој треба да го води Градот Скопје

Трифун Костовски преку социјалните мрежи и даде поддршка на Данела Аровска. Тој вели дека го следи целиот мандат на Арсовска и нема сомнеж дека нејзиното доаѓање на чело на Град Скопје е направено со најчесни намери.

„Како бивш градоначалник на Град Скопје со поддршка до Арсовска, еве зошто!
Флуидот кој долго се чувствуваше во етерот дека има недоразбирање на релација градоначалничка на Град Скопје Данела Арсовска и најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ која застана зад нејзината кандидатура се појави на насловните страни на дневната политика, што објективно и го очекував. Со госпоѓата Арсовска имав една средба и низ целиот нејзин мандат ја следам со голем интерес и внимание. Немам сомнеж дека нејзиното доаѓање на кормилото градоначалник на Град Скопје е направено со најчесни намери. Ова сакам да го споделам со јавноста како поранешен градоначалник на Град Скопје кој исто така се кандидирав како независен кандидат поддржан од партијата ВМРО-ДПМНЕ и каде на идентичен начин после неполна година од мојот мандат дојде до комплетно разидување. Разликата меѓу мене и Арсовска со политичката партија ВМРО-ДПМНЕ е во тоа што тогашната ВМРО-ДПМНЕ на чело со господинот Никола Груевски дојде на власт веднаш после локалните избори. Денешното ВМРО-ДПМНЕ, предводено од господинот Мицкоски е во опозиција и грчевито се бори за предвремени избори како би дошле на власт, бидејќи незадоволството од владејачката гарнитура е сеопшто познато. Убеден сум дека разидувањето меѓу Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ е во фактот кој треба да го води Градот Скопје, дали Арсовска или ВМРО-ДПМНЕ. Во мојот случај, јас не дозволив ВМРО-ДПМНЕ предводено од Никола Груевски истовремено да биде и градоначалник на Град Скопје, односно да бидам пиун во рацете на ВМРО-ДПМНЕ.

Госпоѓата Арсовска која е избрана за градоначалник на Град Скопје на редовни избори е единствена повикана да го води Градот Скопје. Партијата ВМРО-ДПМНЕ, поддржувајќи ја нејзината кандидатура мораше да испорача и луѓе со капацитет да можат да ја водат јавната администрација и јавните претпријатија. Жалосно е што луѓето коишто се поставени на позиција од страна на госпоѓата Арсовска не одговараат пред градоначалникот, туку одговараат пред партијата која ги има предложено. На овој план мора потемелно да се доизградат односите меѓу партијата ВМРО-ДПМНЕ и госпоѓата Арсовска, бидејќи овие два субјекта треба да работат во интерес на граѓаните. Убеден сум дека вистинската поддршка на госпоѓата Арсовска од страна на ВМРО-ДПМНЕ ќе и беше како мелем на рана, бидејќи сум свесен што таа наследи како долгови кои градот ги има кон фирмите со кои соработува.

Буџетот на Арсовска на годишно ниво е 70 милиони евра, а наследи неподмирени обврски од 170 милиони евра. Во ваква констелација ВМРО-ДПМНЕ треба на висина на своето место и улога во нашето секојдневие да ја подржи во нејзините настојувања за реализација на нејзините проекти, ама без никакви матни зделки, тендери и заткулисни игри. Буџетската дупка од 170 милиони евра мора да се затвори, а за таква работа е потребна посветеност и секако елиминирање на сите можни коруптивни и криминални дејанија во сите институции на градот.

Упатувам на разум пред сè до партијата ВМРО-ДПМНЕ да се преиспита себе и да и даде вистинска поддршка на госпоѓата Арсовска, бидејќи во даденава ситуација јас сум паталец од причини познати само тогаш на господинот Груевски и неговата партија, култниот проект за изградба на КЕРМЕС и ден денеска стои како авет во центарот на Градскиот парк, иако овој проект е финален, уплатени се сите комунални давачки и отпочнат со градба, ама и денеска е објект без тапија, со најпрости зборови кажано маркицата на Кермес е избришана од ДУП-от на Општина Центар во време на владението на Никола Груевски и до ден денес маркицата не е вратена. Тоа е мојата цена на непослушност кон Груевски. Ги поминав сите судски инстанци во Македонија, барајќи ја правдата и на крајот со одлука на Врховниот суд на Република Македонија ми е вратена дозволата за градба, ама маркица нема.

ВМРО-ДПМНЕ не смее да ги прави истите грешки од минатото, посебно не денес кога сите граѓани на Република Македонија се пред голема неизвесност поврзана со енергетската и социјална криза. Госпоѓата Данела Арсовска ја поддржувам во нејзините настојувања да биде вистински домаќин на Градот Скопје“, стои во објавата.

На почеток