Македонија

(ФОТО) „Паѓаат“ електронските уписи, родителите нервозни и загрижени

Министерството за образование и наука од оваа година воведе електронски упис во средните училишта. Порталот за запишување беше отворен од 10.06.2022 година во 10.00 часот, a учениците ќе може да ги пополнуваат своите пријави (апликации) заклучно со 15.06.2022 година најдоцна до 15.00 часот, после што системот ќе биде затворен за онлајн аплицирање.

Во едно од соопштенијата на МОН се вели дека процесот на аплицирање нема да им одземе на учениците повеќе од 5-10 минути.

„Со цел оптимизирање на целокупниот процес на уписи во средните училишта во Република Северна Македонија, Министерството за образование и наука за прв пат оваа година воведува нова дигитална услуга која ќе Ви овозможи електронско аплицирање и нема да Ви одземе повеќе од 5-10 минути“ стои во известувањето од Министерството за образование и наука.

Но, реалноста не е таква. Системот за електронско аплицирање во средните училишта падна.

Тој постојано е недостапен. Во текот на целиот ден, се враќа, а потоа повторно се исклучува. Ова е причина поради која учениците не можат до крај да ја пополнат апликацијата, но и не е сигурни дали истата е испратена. Родителите и учениците се револтирани, и бараат надлежните веднаш да го решат овој проблем.

„Не може вака. Неспремни, а сакаат електронски. Потоа, ќе излезе дека апликацијата не е пратена и ете проблем. Детето неупишано во училиште. Ако не се подготвени, се знае како треба да течат уписите. Стопати отвораме и затвораме, за да се рестартира страната“, пишува родител на социјалните мрежи“

За сега нема информации од МОН дали рокот за пријавување ќе биде продолжен или учениците кои денес нема да се запишат ќе мораат да го чекаат вториот уписен рок.

На почеток