Скопје

„Татковците“ за учениците: Првачињата во Аеродром ќе пливаат, во Ѓорче, Кисела Вода и Бутел ќе имаат ранче, во Центар ќе имаат очен преглед

Новата учебна година, по скоро три години од пандемијата на коронавирусот, за над 250 илјади ученици во основните и во средните училишта во Македонија, започнува навреме, на 1. септември и тоа на радост на учениците без заштитни маски и други анти-ковид мерки.

Но тие останаа и без сведетелствата за претходната учебна година. Само во мал дел од училиштата се веќе доделени, но најголемиот број ученици, ќе ги земат денеска и утре. Тендерот за печатење сведетелства, како и ланската година го доби тетовската компанија „Арбериа“.

Скопските општини со низа мерки ги олеснуваат трошоците на семејствата со првачиња.

Повеќето општини за првачињата ќе врачат финансиска помош од околу 3.000 денари по прваче. Освен оваа парична помош, надлежните се потрудија да обезбедат прибор, училишни танци, таблети, бесплатен оброк…

Општина Аеродром

„Учиме да пливаме” е проект кој предвидува олеснување на семејниот буџет на секое семејство на територија на Општина Аеродром кои имаат дете во прво одделение или дете со попреченост. Со субвенционирањето, сите опфатени ученици добиваат: часови пливање, опрема за пливање (капа, наочари), пешкир, сертифициран спортски едукатор како и превоз на учениците од училиште до базенот и назад до своите домови, велат од општината Аеродром.

Кисела Вода

Најмалите ученици од Кисела Вода, ќе добијат ранче и прибор подарок од општината. Реализацијата на овој проект насловен како „Ранче за секое прваче“, ќе има за цел барем малку да им ги олесни финансиските трошоци на родителите при уписот на своето дете во училиште, велат надлежните. Еден од следните зацртани проекти во оваа општина е и Таблет за секое дете.

 Ѓорче Петров

Општината Ѓорче Петров обезбеди ранчиња за секое прваче, но од годинава и бесплатен појадок за сите првачиња.

Центар

Во општина Центар вкупно 522 дечиња ќе добијат бесплатни офталмолошки прегледи во градинките кои ги посетуваат. Покрај прегледите нашите идни првачиња ќе добијат и потврди за упис во основните училишта.

Бутел

Бутел, во пресрет на новата учебна година, обезбеди ранче и училишен прибор за сите 582 првачиња во општината.

На почеток