Свет

Mајмунските сипаници засега не се глобална закана

Мајмунските сипаници се уште не претставуваат глобална здравствена закана, одлучи денеска Светската здравствена организација (СЗО), по дводневна дискусија, иако генералниот директор на Тедрос, Аданом Гебрејесус изјави дека е длабоко загрижен поради избивањето на инфекцијата.

„Длабоко сум загрижен бидејќи ова е очигледно закана по здравјето што се развива, која моите колеги и јас во Секретаријатот на СЗО ја следиме многу внимателно“, рече Тедрос, пренесува Ројтерс.

Ознаката „глобална вонредна состојба“ во моментов се однесува само на пандемијата на коронавирус и тековните напори за искоренување на детската парализа, а здравствената агенција на ООН, по дискусиите на меѓународните експерти, се откажа од примената на овие мерки за епидемијата на мајмунски сипаници.

Претходно беа прогласени само шест вакви итни случаи: поради Ковид 19 (2020), појава на ебола во Демократска Република Конго (2019), ширење на вирусот Зика (2016), полиомиелитис или детска парализа (2014), поради епидемијата на ебола во Западна Африка (2014) и ширењето на вирусот H1N1 или свинскиот грип што ја предизвика пандемијата (2009).

Во случај на прогласување на глобална здравствена закана, би можело да се активираат механизми за меѓународна соработка со цел да се ограничи натамошното ширење на болеста, што воедно би било сигнал за поединечните земји да се подготват, односно да ги зајакнат капацитетите на нивните здравствени услуги.

На почеток