Австриски компании почнаа со подготовки за замена на гасот со други извори на енергија
Поради неизвесноста околу снабдувањето со гас од Русија, бројни австриски компании почнаа со подготовки за замена на гасот со други извори на енергија.
Австрискиот аграрен концерн „Аграна“ почна со подготовка на своите горилници, за покрај гас да можат да користат и нафта за греење.
„Тоа нѐ боли, но неопходно е да се подготвиме за евентуален прекин на испораката на рускиот гас“, објасни за весникот „Клајн цајтунг“ директорот на компанијата Маркус Милаизен.
Тој посочи дека во моментов потребата од гас за производство на шеќер и скроб е особено голема и дека тоа ќе влијае на есента, кога ќе се берат шеќерната репка и компирот.
Кога станува збор за фабриката во Русија, која произведува овошни сирупи, Милаизен вели дека компанијата нема намера да ја затвори и покрај војната во Украина.
„Секојдневно се бориме со прашањето како да се однесуваме правилно. Но, иако Аграна силно го осудува нападот врз Украина и ги поддржува санкциите, таа има обврски кон обичните луѓе, населението на Русија. Ние сме дел од синџирот на снабдување со храна, ние произведуваат основни прехранбени производи. Пради тоа убедени сме дека е правилно да се остане и да се обезбеди снабдување со намирници“, објасни тој.
Во Русија, компанијата вработува околу 600 луѓе.
Говорејќи за шеќерот, Милаизен рече дека очекува цената на тој производ да порасне.