Свет

Бугарски пратеници бараат поништување на одлуката за кревање на ветото за Македонија

Пратеничката група во бугарското Собрание, на партијата Вазраждане, ќе бара поништување на парламентарната одлука со која Владата има мандат да го поддржи францускиот предлог за Македонија и да го укине ветото на нејзините преговори за членство во Европската унија (ЕУ).

Ова во име на пратеничката група го истакна лидерот на Вазраждане, Костадин Костадинов.

Тој побара Министерството за надворешни работи да ги информира народните избраници за новата одлука на Макрон, која ја опиша како „компромис на компромис“. Костадинов се осврнува на вчерашните изјави на францускиот претседател Емануел Макрон и македонскиот премиер Димитар Ковачевски и прецизира дека според нив историските прашања нема да бидат дел од преговарачката рамка меѓу ЕУ и Македонија.

„Ќе инсистираме бугарскиот парламент да ја поништи својата одлука додека не се разјаснат сите околности околу ревидираниот предлог на Макрон“, рече Костадинов.

И лидерот на Вазраждане изјави дека уште еднаш е потврден изразот „гаранција – Франција“.

Костадинов во изјавата посочи дека ќе упатат до обвинителството за одлуката на премиерот во оставка Кирил Петков да ги протера 70-те руски дипломати.

На почеток