Македонија

Остри тонови: Мицкоски ги потсети Бугарите да си ги исполнат обврските, ако сакаат Бугари во Устав

Премиерот Христијан Мицкоски нема никакви комуникации со Владата во Бугарија, а порача дека има желба да седне и да се види како би ги решиле прашањата кои ги блокираат европските интеграции на Македонија. Тој е дециден дека во тој момент ќе им порача на Бугарите дека ако договорите важат – тогаш сите треба да ги почитуваат. Кога го вели ова, Мицкоски веројатно мисли на фактот дека Бугарија не го почитува Договорот за добрососедство во делот каде се вели дека тие нема да ја блокираат Македонија на патот кон ЕУ.

„Немам комуникација со претседателот на Владата на нашиот источен сосед. Со задоволство би реализирал една таква средба. Со задоволство би имал желба да седнеме, да поразговараме, да видиме какви се можностите и единствената моја порака ќе биде многу јасна и гласна, а тоа е ако договорите важат и треба да се почитуваат за нас треба да важат и да се почитуваат и за нив и дека билатералните прашања не треба да бидат дел од преговарачкиот процес“, рече Мицкоски.

Порача дека ако за Македонија важи условот за Бугари во Устав, тогаш и за Бугарија важи почитување на Македонците во нивната земја, а со оглед дека ЕУ нотираше дека немаат никакви заложби за остварување на нивните индивидуални права. Ова значи дека Македонците се уште не можат да основаат здруженија со ваква цел.

„Свесен сум за тоа што го направи Бујар Османи како министер за надворешни работи и Димитар Ковачевски како премиер. Јасно ми е дека прифатија нешто што не успеаа да го испорачаат. Сето тоа ми е јасно дека е проблем и дека сега секогаш ќе ни биде ставано тоа на маса како услов. Ако за нас тој услов важи тогаш треба да важат и за сите други оние договори што претходно се прифатени како што е Резолуцијата за почитување на човековите права, Договорот за добрососедство. Сето тоа треба да претставува обврска за сите страни“, рече Мицкоски.

Пред четири месеци, Советот на Европа нотираше дека Македонците во Бугарија се обесхрабруваат да се идентификуваат, односно дека не постои свест за правата на малцинствата.

„Додека Бугарија играше сè поактивна улога во промовирањето на правата на лицата кои им припаѓаат на бугарските малцинства во странство, вакви напори не биле забележани и во рамките на Бугарија. Како и во претходните циклуси, лицата кои се идентификуваат како Македонци ја повторија својата долгогодишна желба да бидат заштитени според Рамковната конвенција, но бидејќи властите не го прифаќаат постоењето на објективни критериуми за нив, овие лица не можат да уживаат пристап до индивидуалните малцински права. Нивните долгорочни обиди да регистрираат здруженија кои ја промовираат македонската заедница не беа успешни. Власите не гледаат објективни критериуми ниту за лицата кои се идентификуваат како Помаци односно етничките Македонци со исламска вероисповед кои во земјата и натаму се нарекуваат бугарски муслимани“, стои во извештајот на Советодавниот комитет.

На почеток