Свет

Тајната преписка меѓу Фон дер Лајен и шефот на компанијата „Фајзер“ ја тресе ЕУ

Европската комисија соопшти дека не може и не треба да ги најде СМС пораките што Урсула фон дер Лајен ги разменила со шефот на компанијата „Фајзер“.

Ова го поттикна нејзиниот спор со интерното надзорно тело на ЕУ.

Комисијата го бранеше своето право да не води евиденција за СМС пораките на својот претседател Фон дер Лејен, објави во средата официјалниот надзорен орган на ЕУ, Европскиот омбудсман, кој започна истрага по жалбите за недоволна транспарентност. Во жесток укор издаден во јануари, омбудсманот Емили О’Рајли ја обвини извршната власт на ЕУ за недолично однесување. Таа рече дека СМС пораките во врска со политиките и одлуките на ЕУ треба да се третираат како документи кои подлежат на правилата за транспарентност на ЕУ. Сагата, позната на критичарите како Deletegate (игра на зборови за „Вотергејт“), започна откако Њујорк Тајмс објави во април 2021 година дека Фон дер Лајен разменила СМС пораки со извршниот директор на Pfizer, Алберт Бурл, воспоставувајќи врска што отклучува профитабилни зделки за вакцините против коронавирус.

Набргу по објавувањето на текстот во Њујорк Тајмс, новинарите побараа од Европската комисија увид во тие пораки, повикувајќи се на Законот за слобода на информации на ЕУ. Сепак, Комисијата го одби барањето, повикувајќи се на нејзините сегашни правила.

Официјалното барање од Европскиот парламент помина слично во ноември. Имено, пратеничката од Холандија Софи инт Фелт сакала да знае дали се избришани споменатите пораки – и ако е така, врз основа на кои критериуми. Но, потпретседателката на Европската комисија, Вера Јурова, во својот одговор не се ни осврна на ова прашање. Во писмениот одговор се наведува дека СМС и другите кратки пораки не содржат важни информации за политиката, активностите или одлуките на комисијата“ и затоа начелно не се архивирани.

Комисијата подоцна го отфрли барањето на новинарот врз основа на правото на слобода на информирање за давање на СМС пораките, по што беше поднесена претставка до народниот правобранител.

Првичниот извештај на Народниот правобранител откри дека комисијата не се обидела да ги пронајде тие СМС пораки. Критикувајќи го начинот на кој се постапувало со барањето за информации, О’Рајли им наредил на службениците да ги бараат текстовите.

„Не треба да се зачуваат сите текстуални пораки. Но, текстуалните пораки јасно потпаѓаат под законот за транспарентност на ЕУ и затоа оние што се релевантни треба да се зачуваат. Не е веродостојно да се тврди поинаку“, се наведува на веб-страницата на омбудсманот.

Во пркосниот одговор, комисијата рече дека не може да ги најде пораките бидејќи таквите „краткотрајни, ефемерни документи не се чуваат“ и „не се во сопственост на институцијата“.

„Комисијата може да потврди дека претресот што го презеде претседателскиот кабинет (највисоките функционери) за релевантни СМС пораки кои одговараат на барањето за пристап до документи не даде никаков резултат“, се вели во одговорот на потпретседателката на комисијата, Вера Јурова.

Комисијата повтори дека не гледа потреба да ги чува СМС пораките, тврдејќи дека тие не содржат важни информации.

„Поради нивната краткорочна и ефемерна природа, текстуалните и инстант пораките генерално не содржат важни информации поврзани со политиките, активностите и одлуките на комисијата“, се вели во соопштението. Народниот правобранител го опиша одговорот на комисијата како „проблематичен во неколку точки“, но се воздржа од дополнителни коментари додека не се очекува формален заклучок за неколку недели.

Кетлин Ван Бремпт, белгиска социјалдемократска членка на Европскиот парламент која претседава со специјалниот комитет на Европскиот парламент за Ковид-19, го опиша одговорот на комисијата како неприфатлив.

„Целосниот недостаток на транспарентност е од корист за индустријата, а не за европските граѓани“, рече таа.

Европскиот омбудсман, кој е задолжен за истражување на поплаките против институциите на ЕУ, претходно се занимаваше со врските меѓу Комисијата и приватните компании.

Во 2018 година, О’Рајли ја критикуваше извршната власт на ЕУ дека не презема мерки откако претходниот претседател се вработи во Голдман Сакс. Таа рече дека новата работа на Жозе Мануел Баросо предизвикала „сериозна загриженост во јавноста“ и дека комисијата требало да истражи дали тој ја прекршил законската обврска да постапува со „интегритет и дискреција“ при напуштањето на функцијата.

Таа неодамна рече дека комисијата ризикува да го „поткопа интегритетот“ на администрацијата на ЕУ без построги ограничувања за преминување на високиот персонал во приватниот сектор.

На почеток