Македонија

Едноставно објаснето: Во францускиот предлог има провиден обид да сокрие важни детали

На 23 јуни премиерот Ковачевски во Брисел го кажа историското „не“ на тогашниот (необјавен) француски предлог, наведувајќи пет црвени линии.

По точно една седмица, објавен е „компромисниот француски предлог“ за кој Владата најави позитивен став. На вчерашните конференции за печатот и изјавите на премиерот, министерот за надворешни работи и вицепремиерот за европски интеграции изнесоа неколку тези во прилог на „да“. Што се смени во оваа една седмица?

Да појасниме: новиот француски предлог се состои од пакет од три документи:

  • предлог на заклучоци на Советот на ЕУ за општи работи;
  • заеднички став на ЕУ за политичкиот состанок на Меѓувладината конференција за пристапување на Северна Македонија во Европската унија;
  • општ став на ЕУ за Министерскиот состанок на Меѓувладината конференција со која се окончува отворањето на преговорите за пристапување на Северна Македонија во Европската Унија.

Во новите предлози се направени само формални, но не и суштествени промени, во однос на претходниот предлог (кој Владата го нема објавено). Најголемата, но сепак целосно формална промена е направена со механичката поделба на првата меѓувладина конференција на две дела – политички состанок и министерски состанок – а двете заедно ја сочинуваат „фазата на отворање на преговорите“ (предлог заклучоците на Советот).

Накусо се осврнуваме на тезите презентирани од македонските официјални претставници во однос на новиот односно „модифицираниот“ предлог.

„Преговорите (не) се отвораат веднаш“
Преговорите се отвораат по министерската конференција и по измената на Уставот, со што е задоволено бугарското барање. Политичкиот состанок е измислен како увертура за Владата на Македонија да може да го прикаже ова како отворање на преговорите.

Сепак, ова не е клучното прашање. Клучното е дека Владата се фокусираше само на отворањето на преговорите, но не и на нивниот тек и завршување.

Македонија не обезбедува никакви гаранции за завршувањето на преговорите.

„Гаранции дека (нема да) има натамошни условувања од Бугарија“

Нема никакви гаранции во предложените документи дека нема да има натамошни бугарски условувања. Наспроти тоа, Бугарија со овој пакет си ги обезбеди гаранциите однапред – нејзините барања стануваат целосно дел од процесот на пристапување и добиваат легална основа во пакетот на документи на ЕУ.

Според предложените заклучоци, во кои инаку не се ни споменуваат Копенхагенските критериуми, главно значење им е дадено на „постигнувањето конкретни резултати и спроведувањето во добра волја на билатералните спогодби – Преспанската и онаа со Бугарија“. Заклучоците веднаш потоа се повикуваат на Протоколот од вториот состанок, оценувајќи го како „значаен чекор за добрососедските односи и регионалната соработка“, кои остануваат „суштествени елементи на процесот на проширување…“.

Со тоа спроведувањето на Договорот со Бугарија, како што е дефинирано во Протоколот, станува клучен услов во процесот.

Оттаму, Владата, не само што мора да го објави текстот на Протоколот, туку треба да оствари и аргументирана расправа по него.

„Протоколот (не) е дел од Преговарачката рамка“
Во Општиот став (кој ја вклучува Преговарачката рамка) јасно е упатувањето на член 12 од Договорот со Бугарија – преку “годишен преглед и мерки за негово ефективно спроведување….” во согласност со низа документи, меѓу кои и „други заклучоци на Советот“.

Обидот да се скрие протоколот во Преговарачката рамка е провиден.

„Историјата (не) e дел од преговарачката рамка“
Историјата станува дел од преговарачката рамка преку внесувањето на упатување на член 12 од Договорот за пријателство и содржината на Протоколот, кој Владата не го објавила (затоа се повикуваме на текстот објавен од македонската редакција на Дојче Веле).

Историјата во Протоколот не е застапена само во одредбите кои се однесуваат на работата на Заедничката комисија за историски и образовни прашања, туку и во одредбите кои се однесуваат, на пример, на говорот на омраза (вклучувајќи ги спомениците и учебниците), и рехабилитација на жртвите на комунизмот.

Дополнително, се внесуваат и низа ограничувачки елементи во работата на Комисијата (иако терминот е „охрабрување“), но и оценка дека таа досега дала „незадоволителни резултати“.

„Македонскиот јазик (не) е чист во преговарачката рамка“
Во предлогот стои формулација дека во поглед на преводите на acquis на македонски јазик, ЕУ „ги зела предвид“ унилатералните декларации за македонскиот јазик. Бугарија со ова суштествено става „резерва“, на која ќе може да се повика во натамошниот тек на преговорите.

Во новите документи, како ни во претходните, нема ниеден друг елемент на заштита на македонскиот идентитет. Бугарија со внесот на Бугарите во нашиот Устав и на Бугарите во Законот за малцинства во Албанија си ја проширува својата „етничка територија“. Наспроти тоа, според и онака асиметричниот билатерален договор со Бугарија, ние во Протоколот го потврдуваме ставот дека нема да се мешаме во внатрешните работи на Бугарија, вклучувајќи и во правата на граѓаните кои не се наши државјани, иако во меѓународното право остварувањето на човековите права е над мешањето во внатрешните работи.

„Нема посебно поглавје за односите со Бугарија“ (но има други посилни механизми)
Нема посебно поглавје, но суштината на бугарските барања е обезбедена преку два влеза и повеќе дополнителни механизми:

  • Воведувањето механизам за следење на спроведувањето на Договорот за пријателство – член 12 (што веќе го елабориравме).
  • Вградувањето на бугарските барања во кластерот Tемели, преку промената на Уставот, чие спроведување ќе стане клучна одредница (одредници) за напредокот во целиот процес, имајќи ја предвид и содржината на Протоколот во однос на позицијата на бугарската заедница.

„Преговарачката рамка (не) е слична како кај другите земји“
Не е. Ние имаме дополнителен акциски план за малцинствата и дополнителен механизам за следење на спроведувањето на билатералните договори.

Во нашиот акциски план ќе треба да влезе спроведувањето на новите одредби на Уставот за заедниците.

Ниедна од државите во процесот не го смени уставот за да внесе малцинство по барање на (земја членка на) ЕУ. Ова беше возможно само со согласност на македонската влада.

„Европски предлог“ (само со наша согласност)
Ова е предлог на француското претседателство, кој се заснова на наша согласност во преговорите што сме ги воделе во Бугарија, односно на нашите досега направени отстапки кои ќе станат „свршен чин“ за другите држави членки, кои допрва треба да ги усвојат. За нив тоа ќе биде тргнување, (засега) на едно непријатно прашање од агендата.

„Последна шанса“ (?)
Владините претставници го гледаат овој предлог како „последна шанса“, повикувајќи се на новите околности – новата политичка заедница, без никаква проценка како тие нови околности ќе влијаат на нашиот процес на пристапување.

Во секој случај, новите документи на ЕУ, во услови на зголемен број кандидати, ставаат акцент на интеграцискиот капацитет на Унијата и не даваат гаранција за пристапување на ниеден од кандидатите.

„Сеопфатна расправа“ наспроти еднодневен ПР
Нема никаква потреба од брзање. Брзањето на Владата е само со цел да оневозможи аргументирана расправа и набрзина да го усвои предлогот, кој ќе има решавачко влијание врз нашата иднина.

Крајно неодговорно и крајно штетно!

Петте црвени линии на кои Ковачевски кажа „не“
➡️ Чиста формулација за македонскиот јазик во преговарачката рамка и јасна заштита на македонскиот идентитет;

➡️ Историските прашања не можат да бидат критериуми во преговарачката рамка;

➡️ Преговорите помеѓу Северна Македонија и ЕУ мора да почнат пред отпочнувањето на постапката за уставните измени за вклучување на Бугарите, Хрватите и Црногорците во преамбулата на Уставот;

➡️ Цврсти гаранции и од Бугарија и од Европската Унија дека Бугарија нема да условува со нови барања, надвор од она што ќе биде договорено во преговарачката рамка и билатералниот протокол кој сѐ уште не е усогласен со Бугарија;

➡️ Секое решение ќе треба да е консултирано со институциите на Република Северна Македонија.

Извор: Respublica

На почеток