Свет

Јужна Кореја: Војската да одговори „брзо и силно“ во случај на севернокорејска провокација

Јужнокорејскиот претседател Џун Сок-јол денеска и нареди на војската да одговори „брзо и силно“ во случај на каква било севернокорејска провокација.

Сето ова се случува во време кога постои загриженост дека Пјонгјанг би можел да изврши уште една нуклеарна проба по пет години.

Џун, кој ја презеде функцијата во мај, првпат претседаваше со состанок со највисоките воени претставници и по тој повод повика на зајакнување на способноста за одвраќање на севернокорејската нуклеарна и ракетна програма, соопшти кабинетот на претседателот, пренесе Ројтерс.

Состанокот на највисокото воено раководство во Сеул се случи еден ден откако американските воздухопловни сили F-35A невидливи ловци пристигнаа во Јужна Кореја на нивната прва јавно објавена посета од 2017 година.

„Претседателот Џун рече дека силна одбранбена сила треба да биде подготвена да ги заштити земјата и националните интереси бидејќи безбедносните несигурности околу Јужна Кореја и североисточна Азија растат повеќе од кога било“, соопшти кабинетот.

Минатата недела Џун се состана со американскиот претседател Џозеф Бајден и јапонскиот премиер Фумио Кишида на маргините на самитот на НАТО во Мадрид, каде што се согласија да работат заедно за да ги унапредат начините за зајакнување на „поширокото одвраќање“ на Северна Кореја, пренесува Ројтерс.

Пјонгјанг спроведува ракетни тестови со невидено темпо оваа година и се верува дека се подготвува за седмиот нуклеарен тест, наведува британската агенција.

На почеток