Северна Кореја тестираше нови ракети користејќи „супер големи“ боеви глави
Северна Кореја денеска објави дека претседателот на земјата, Ким Џонг Ун, го надгледувал тестирањето на два типа ракети. Едниот што може да носи „супер-голема конвенционална боева глава“, а другиот, како што пренесува АП, најверојатно е наменет за нуклеарна боева глава, а Ким повикал на зајакнување на конвенционалното оружје и нуклеарните способности.
Според АП, се претпоставува дека овие тестови се оние кои вчера ги пријави јужнокорејската војска, а тоа беше втор пат во една недела Северна Кореја да тестира ракети.
„Тестовите за подобрување на способноста за оружје се неопходни поради сериозната закана што ја претставуваат надворешните сили за безбедноста на земјата“, рече Ким, како што јави денеска севернокорејската новинска агенција KCNA.
Севернокорејскиот претседател ја нагласи „потребата да се продолжи со зајакнувањето на нуклеарните сили и да се поседуваат најсилни воено-технички способности и супериорни офанзивни способности во областа на конвенционалното оружје“, пренесе КЦНА.
Вчерашните тестови вклучуваа нова тактичка балистичка ракета, Хвасонгфо-11-Да-4.5, објави КЦНА, наведувајќи дека таа е дел од серијата балистички ракети со краток дострел што ги развива, а некои од нив се верува дека биле извезени во Русија.
Претставници на Киев и независни експерти рекоа дека има индиции дека некои од ракетите што Русија ги користела во војната против Украина се од севернокорејско производство.
Ракетата беше монтирана со супер голема конвенционална боева глава од 4,5 тони, а тестовите вклучија и стратешка крстосувачка ракета која беше надградена за борбена употреба.
Северна Кореја ги критикуваше воените вежби на јужнокорејската и американската војска, вклучително и големата вежба спроведена ова лето. Сојузниците велат дека вежбите имаат одбранбен карактер и имаат за цел одржување на подготвеност против каква било „севернокорејска агресија“.