Лего ќе престане со работа во Русија
Лего, данската компанија за играчки, објави дека ќе престане со работа во Русија на неодредено време.
Компанијата престана да испорачува производи во Русија во март оваа година по нападот на таа земја врз Украина, но нејзините продавници останаа отворени бидејќи повеќето ривалски трговци на мало се повлекоа од рускиот пазар.
Компанијата Лего објави дека ќе го прекине партнерството со малопродажната групација Инвентив, која води 81 продавница на Лего во Русија, но експлицитно не спомена дека се решиле на таков потег поради рускиот напад на Украина, пренесува Кликс.
„Кога Lego Group ги прекина испораките во Русија на почетокот на март, ние исто така ги прекинавме сите комерцијални активности и ги испративме речиси сите наши вработени на продолжен одмор“, рече портпаролката на Lego.
Исто така, објави дека компанијата го отпушта најголемиот дел од својот тим од канцеларијата во Москва и дека Лего им „обезбедил пакети за финансиска помош на 70 вработени за да ги поддржи додека бараат нови деловни можности“.
Лего е еден од ретките западни брендови кои останаа во Русија откако другите големи компании престанаа со работа. За разлика од многу компании кои ја осудија Русија, Лего одлучи директно да не ги коментира надворешнополитичките активности на земјата.
Во март, компанијата издаде соопштение во кое се вели:
„Нашите мисли се со сите деца и семејства кои страдаат како резултат на војната во Украина“.