Свет

Русија истрела ракети врз железничката станица во Днепропетровск

Русија истрела ракети врз железничката станица во областа Днепропетровск во централна Украина, изјави денеска украинскиот претседател Володимир Зеленски.

„Вака изгледа нашето секојдневие и вака Русија се подготви за оваа седница на Советот за безбедност на ОН“, изјави денеска претседателот Володимир Зеленски за време на неговото видео обраќање на седницата на Советот за безбедност на ОН посветена на Украина, пренесува Ројтерс.

Според него, во ракетните напади има и мртви и повредени, а не е познат конечниот број на жртви од руските акции во областа Дњепропетровск.

Зеленски рече дека Русија го доведе човештвото „на работ на радијациона катастрофа“, бидејќи руската војска го претвори комплексот на најголемата нуклеарна централа во Европа, нуклеарната централа Запорожје, во воена зона.

Повиците за претворање на локацијата на нуклеарната централа во демилитаризирана зона доаѓаат од НАТО, ОН и францускиот претседател Емануел Макрон.

За време на денешното обраќање Зеленски ја повика и Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) да ја преземе „трајната контрола“ и рече „Русија безусловно да престане со нуклеарната уцена и целосно да се повлече од НЕ Запорожје“, пренесува лондонски Гардијан.

Советот за безбедност на ОН претходно го покани украинскиот претседател Володимир Зеленски да се обрати преку видео врска за време на седницата на Советот за безбедност на ОН, што се одржува денеска и покрај противењето на Русија, објави претходно РИА Новости.

На почеток