Свет

„Од утрово се слуша тешко оружје“, започнаа борбите меѓу владините сили и бунтовниците во северниот етиопски регион Тигра

Борбите меѓу владините сили и бунтовниците во северниот етиопски регион Тигра избувнаа околу градот Кобо, со што беше ставен крај на прекинот на огнот, пренесува Ројтерс.

„Од утрово се слуша тешко оружје. Минатата недела ги видов доброволните милициски сили Амхара и Фано како се движат кон фронтот со автобуси“, изјави за британската агенција фармер од областа Кобо, кој не сакаше да биде именуван.

Двајца други жители на областа потврдија дека од рано утрото се слуша тешко оружје и дека во изминатите два дена има големо движење на војници од локалната милиција Фано, како и војници на етиопската армија и специјалните сили од соседниот регион Амхара во областа.

Новите борби им задаваат голем удар на напорите за започнување мировни преговори меѓу владата на премиерот Аби Ахмед и Ослободителниот фронт на народот Тигар (TPLF), партијата која го контролира регионот, пренесува Ројтерс. Тие го означуваат крајот на хуманитарниот прекин на огнот кој е во сила од март.

Конфликтот започна на 4 ноември 2020 година, кога етиопскиот премиер Абиј Ахмед нареди воена офанзива против регионалните сили во Тигра. Ова беше објаснето како одговор на нападот на воената база во која се сместени владините трупи во Тигра.

Она што започна како конфликт меѓу федералната влада на Етиопија и локалната армија кон крајот на 2020 година, експлодираше во граѓанска војна во 2021 година, која принуди два милиони луѓе да ги напуштат своите домови и остави стотици илјади во услови на речиси гладување.

На почеток