Судот во Флорида ја отфрли тужбата на Трамп
Окружниот суд во Флорида денеска ја отфрли тужбата на поранешниот американски претседател Доналд Трамп против Хилари Клинтон, неговата ривалка на изборите во 2016 година.
Во тужбата тој тврдеше дека таа и другите демократи фабрикувале обвинувања за руско мешање во изборниот процес.
Судијата Доналд Мидлбрук во своето образложение изјави дека тужбата не бара компензација за никаква правна штета и дека судот „не е соодветен форум“ за жалбите на поранешниот претседател.
„Тој се обидува да се пофали со политички манифест од 200 страници во кој изнесува поплаки против политичките противници“, се вели во пресудата.
Се додава дека тужбата на Трамп „нема суштина и правна основа, што се обидува да ги замени со должина, хипербола и пресметка“, пренесува Ројтерс.
Мидлбрук, исто така, изјави дека Трамп чекал премногу долго за да поднесе жалба, надминувајќи го законскиот статут на застареност и дека не успеал да докаже дека бил оштетен од какви било невистини.
Во март, Трамп ја тужеше Хилари Клинтон, која беше демократска претседателска кандидатка во 2016 година, како и други демократи за наводно „рекетирање“, „заговор да се изврши навредлива лага“ и други тврдења што тој постојано ги искажувал за време на неговите четири години на функцијата во Белата куќа.
Тој побара компензација и казнена отштета, тврдејќи дека направил трошоци од повеќе од 24 милиони долари за одбрана, правни такси и поврзани трошоци.
Адвокатот на Трамп, Алина Хаба, рече дека поранешниот претседател веднаш ќе поднесе жалба на одлуката.