Свет

„Сиромашните добија само 3 отсто од украинското жито, сето тоа отиде во ЕУ“, вели Путин

Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека речиси целото жито од украинските пристаништа е испорачано во ЕУ, а не до земјите на кои им е потребно.

Поточно, рускиот претседател вели дека само три отсто од вкупните испораки стигнале до најсиромашните земји.

На седницата на Советот за безбедност на Русија, Путин посочи дека Русија има намера до крајот на годината да испорача 30 милиони тони жито на земјите на кои им е потребно, а има намера и да ги зголеми тие испораки на 50 милиони. Како што наведе, овогодишниот род во Русија бил добар.

„Од 87 бродови што ги напуштија украинските пристаништа со жито, 32 останаа во Турција. И ова го сметам за апсолутно нормално, бидејќи Турција е организатор на тој процес и има право на тоа. Три бродови беа испратени до Јужна Африка, три во Израел, седум во Египет, 30 во ЕУ и само две за најсиромашните земји според ОН, имено Јемен и Џибути. Тоа се 60 илјади тони, или само три проценти“, рече Путин, како што соопшти Спутник.

Тој потсети дека извозот на жито се одвива со посредство на Турција и ОН.

„Европските партнери цело време ни кажуваа дека е неопходно да се воспостават овие испораки, вклучително и од Украина, а пред се во интерес на најсиромашните земји. Сега слушаме дека некои од нашите партнери ставаат сомнеж во она што беше кажано во врска со овие испораки од Украина. Но овде се е снимено, нема грешки“, изјави рускиот претседател.

Путин рече и дека Русија е подготвена бесплатно да испорача ѓубриво до земјите во развој.

Договорот, кој има за цел да помогне во извозот на украинска и руска храна и ѓубрива на светските пазари, беше потпишан на 22 јули во Истанбул, со посредство на ОН и Турција.

На почеток