Македонија

Судот повеќе од 300 дена чека супервештачење за несреќата кај Ласкарци

Коалиција за правично судење објави дека Бирото за судски вештачење 315 дена нема изработено супервештачење побарано од судот за автобуската несреќа кај Ласкарци кога автобус на Дурмо турс излета од автопатот Скопје-Тетово и загинаа 16 патници.

„Основниот кривичен суд во Скопје за два судски предмети сè уште чека супервештачење. Едно од супервештачењата и по изминати повеќе од 300 дена сè уште не е изготвено, додека пак другото се изработува повеќе од 100 дена“, стои во објавата.

Во автобуската несреќа која што се случи на 13 февруари 2019 година животот го загубија 16 лица. Автобусот на компанијата „Дурмо турс“ кој сообраќал на релацијата Скопје-Гостивар излета од автопатот кај селото Ласкарци, предизвикувајќи ја една од најтешките сообраќајни несреќи во историјата на земјава.

Во судскиот процес за несреќата кај Ласкарци се обвинети шест лица, меѓу кои е сопственикот на компанијата „Дурмо турс“, раководителот на возниот парк на оваа компанија, тројца вработени во станицата за технички преглед во Гостивар и возачот на автобусот што учествуваше во несреќата кај Ласкарци.

На почеток