Свет

Италија го скратува периодот на загревање во текот на зимата

Италијанското Министерство за еколошка транзиција потпиша нова регулатива за заштеда на енергија.

Ги затегнува максималните температурни граници и го скратува периодот на загревање со гас во текот на зимата.

Како што се наведува во соопштението на министерството, во земјата времето за греење во текот на денот ќе се скрати за еден час, додека вкупната зимска грејна сезона ќе се скрати за 15 дена, така што „почетокот на грејната сезона ќе доцни за осум дена, а крајот ќе биде седум дена порано“, пренесува порталот Local Itali.

Регулативата, исто така, ја заострува границата на максималната внатрешна температура во зградите, барајќи од компаниите да не надминуваат 18 степени Целзиусови (претходно беше планирано 19 °C), а граѓаните мора да го постават греењето на максимални 19 °C наместо првично планираните 20. °C, пренесува Раша тудеј.

Новите ограничувања нема да важат за „места за богослужба, јасли, градинки и базени“ ниту за „згради чии системи за греење се потпираат на обновливи извори на енергија“, објави Министерството.

Се додава дека „во случај на екстремно тешки временски услови, локалните власти ќе имаат овластување да дозволат греење надвор од времето утврдено со уредбата“.

Според студијата на националниот регулатор за електрична енергија ENEA, на која се повикува Local Italia, новите ограничувања би можеле да и овозможат на земјата да заштеди дури 2,7 милијарди кубни метри гас во текот на зимската сезона.

Новиот план за заштеда на енергија следи по низата други мерки насочени кон решавање на енергетската криза во земјата. Италија, заедно со другите земји од ЕУ, се бори со рекордно висока инфлација, поттикната главно од растот на цените на енергијата. Земјата се потпира на увоз за речиси 75 отсто од својата енергија. На почетокот на оваа година увезуваше 40 отсто од гасот од Русија, но во јули тој процент се намали на 25 отсто поради санкциите воведени кон Москва.

Италија загуби голем дел од испораките на гас од Русија минатиот месец кога Гаспром го запре протокот на гасоводот Северен тек 1.

На почеток