Свет

Турција ги осуди американските закани

Погрешно е САД да вршат притисок врз Саудиска Арабија откако производителите на нафта од ОПЕК + најавија намалување на производството и покрај приговорите на САД.

Ова го изјави турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу, пренесува Ројтерс.

„Гледаме дека една земја неодамна и се закани на Саудиска Арабија. Ова малтретирање не е правилно“, рече Чавушоглу на прес-конференција во јужна Турција.

Претседателот Џо Бајден минатата недела рече дека „ќе има последици“ за односите на САД со Саудиска Арабија откако ОПЕК + објави дека ќе го намали производството на нафта.

Саудискиот министер за надворешни работи, принцот Фајсал бин Фархан, рече дека одлуката на ОПЕК + е чисто економска и дека земјите-членки ја донеле едногласно.

„Сметаме дека не е во ред САД да го користат како елемент на притисок врз Саудиска Арабија или која било друга земја“, рече Чавушоглу.

На почеток