(ВИДЕО) Мицкоски за Груевски: Секој што е бегалец од правдата треба да се соочи, а правосилно осудените треба да одговараат
Во интервју за „А1он“, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кажа дека кога ќе дојде на власт, нема да ја укине меѓународната потерница по Никола Груевски, што ќе значи враќање на експремиерот директно во затвор. Мицкоски во интервјуто додаде дека секој што е правосилно осуден, треба да си ја одлежи казната.
„Потерницата е потерница. Ако вие мислите дека ние ќе ја бришеме таа потерница… Лица кои се осудени, кои имаат правосилна судница, мислам кај господинот Груевски нема…“, рече Мицкоски, на што новинарот реплицираше дека експремиерот е осуден за набавката на Мерцедесот, а Мицкоски додаде: „Е па секој што е правосилно осуден, треба да си одговара. Дали се вика Никола Груевски, Христијан Мицкоски, Зоран Заев, Димитар Ковачевски или било кој друг во државата, без разлика на функцијата, треба да одговара“.
На констатацијата од новинарот кој кажа: „Да, но тој ве донесе на чело на партијата, а сега ако дојдете на власт, нема да ја укинете потерницата и ќе го пратите во затвор.. малце…“.
Мицкоски одговори: „Се обидувам да ја игнорирам оваа лажна вест која ја кажувате во вашата емисија дека тој ме донел. Но бидејќи третпат инсистирате, ќе ви дадам одговор. Позади мојата кандидатура се потпишаа неколку стотици членови на Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ, но не беше и потписот на господинот Никола Груевски. Мене ме избраа делегатите на тој конгрес во Валандово“.
Првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ кажа и: „Апсолутно секој што е бегалец од правдата ќе треба да се соочи со правдата, тука да немате дилема“.