Шојгу: „Задачата е завршена“
Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу по средбата со претседателот Владимир Путин изјави дека активностите поврзани со делумната мобилизација се завршени.
„Задачата што подразбира мобилизација на 300.000 граѓани е завршена. Продолжување на мобилизацијата не е предвидено“, рече Шојгу и нагласи дека се посветува големо внимание на подготовката на мобилизираните граѓани пред да бидат испратени во зоната за специјални операции.
Министерот за одбрана му рекол на рускиот лидер дека досега во зоната за специјални операции се испратени 82.000 мобилизирани војници, пренесе Спутник.
Тој рече и дека сите оние кои ќе учествуваат во борбени операции во специјалната воена операција во Украина ќе добијат статус на ветерани.
Воедно, рускиот претседател им се заблагодари на сите кои ја организираа мобилизацијата и рече дека сега главна задача е сите мобилизирани да ја поминат целата потребна обука и да добијат комплетна опрема.
„Сега најважно е да се подготват и да ја добијат целата потребна опрема за да се чувствуваат безбедно доколку има потреба да учествуваат во непосредни битки“, посочи Путин и додаде дека само добро подготвени борци можат да бидат испратени на фронтот.