Актуелно

САД ја обвинија Русија дека користи храна како оружје

Белата куќа ја обвини Русија дека ја користи „храната како оружје“ со повлекувањето од договорот за извоз на жито од украинските пристаништа.

„Русија уште еднаш се обидува да ја искористи војната што ја започна како изговор за да ја користи храната како оружје и на тој начин директно да влијае на земјите кои веќе се во неволја и цените на храната ширум светот“, изјави неименувана портпаролка на Советот за национална безбедност.

Таа додаде дека така се влошува хуманитарната криза и неизвесноста во нејзиното обезбедување.

Руските власти вчера објавија дека се повлекуваат од договорот за извоз на жито од украинските пристаништа, од витално значење за снабдувањето со храна во светот, по нападот на црноморскиот полуостров Крим, што Москва им го припишува на Украина и на Велика Британија.

Договорот склучен во јули под покровителство на ОН и Турција, овозможи извоз на неколку милиони тони жито блокирано во украинските пристаништа од почетокот на руската инвазија на Украина на крајот на февруари. Таа блокада предизвика скок на цените на храната и предизвика страв од глад.

Руските власти своето повлекување од договорот го оправдаа со напади со беспилотни летала на воени и цивилни бродови на руската Црноморска флота стационирани во заливот Севастопол, на Крим, кој беше припоен кон Русија во 2014 година.

На почеток