Македонија

Студентите не се задоволни од вчерашната средба во Собранието, во четврток најавија нов студентски марш

Од „Студентски Отпор“, младинското движење на студентите од Македонија кое се бори за подигнување на студентскиот стандард велат дека не се задоволни од крајниот исход од вечерашната средба во Собранието помеѓу премиерот, претставниците на студентските собранија, пратеници и министри.

Велат дека остануваат нас своите барања и ги повикуваат сите студентски организации, универзитетските и факултетските студентски собранија, професори, здруженија и невладини организации да се придружат во борбата.

Ова се нивните барања:

1. Издвојување на средства од буџетот за зголемување на износот на субвенционираниот студентски оброк од 120 денари на 150 денари дневно;

2. Издвојување на средства од буџетот за израмнување на сумата на стипендиите согласно измените од последното покачување на стипендиите;

3. Издвојување средства за реновирање и обезбедување на нормални услови за престој во студентските домови, долгорочен план за формирање на „студентски градови” и стоп за најавената приватизација на студентските домови;

4. Издвојување доволно средства за изземање на студентите од антикризните мерки на Владата за рационализација и штедење струја;

-Со оглед на тоа што единственото барање кое се прифати е повлекувањето на измените на Предлог-законот за студентски субвенциониран оброк, најавуваме дека нема да отстапиме сѐ додека итно не се реализираат и останатите наши барања и ве повикуваме во четврток (17.11.2022), на Меѓународниот ден на студентите, на масовен студентски марш од 17:00 часот. Маршот ќе започне од Министерството за образование и наука и заедно ќе се упатиме кон Собранието на Македонија, соопштија од „Студентски Отпор“.

На почеток